Над 300 милиони Кинези тргнаа на пат

Стотици милиони Кинези деновиве ќе ги преполнат автопатиштата, возовите и авионите, и од големите метрополи и индустриски центри ќе се вратат назад во своите родни места да го прослават еден од најголемите празници во земјата. Стравот е дека со нив, ќе се рашета и ковид-19.

По бројките на министерството на култура и туризам, минатата година по повод празникот беа направени 782 милиони (домашни) патувања. Годинава министерството очекува 550 милиони патувања, додека најголемата кинеска он-лајн туристичка агенција очекува бројот да е над 600 милиони.

Иако изгледа како пандемијата да скрати околу 200 милиони патувања, незамисливо бројното раздвижување на народ кое ќе се случи во рок од само неколку денови, во време кога целиот свет, освен Кина, или влегол или е на прагот од вториот бран на ковид-19.

Пред почетокот на масовната преселба, Кина од средината на август нема пријавено локално пренесување на вирусот и ригорозно ги следи сите што пристигнуваат од странство и работниците кај кои има ризик да се изложени на вирусот.

„За разлика од гневот и лошото претчуство кое ја засени последната голема преселба, Кинеската нова година кон крајот на јануари, сега владее комплетно спротивно чувство на контрола.

Тогаш на два дена пред Кинеската нова година, властите наредија дотогаш невидено блокирање на Вухан, но до тогаш вирусот веќе се имаше раширено низ останатите провинции и вон земјата, благодарејќи на милионите Кинези што се прибираа во своите родни места за да го прослават празникот,“ пишува Нектар Ган во текстот за Си-ен-ен.

На почетокот од месецов, првиот човек на кинеското ЦДЦ порача дека нема потреба од воведување дополнителни санкции за патување пред големиот национален празник.

Иако забраната за патување е укината на речиси целата територија на Кина, властите се уште препорачуваат носење маски и држење 1 метар дистанца на туристичките локации, кои се ограничени да работат со 75% од капацитетот.

Една препорака што се уште им важи е Кинезите да избегнат празников да патуваат во странство, заради стравот дека ќе го донесат вирусот во земјата. Плус и да решат да мрднат некаде од Кина, кога ќе се вратат назад сите ќе треба да минат 2 недели во карантин, од кој половина ќе треба да биде во хотели избрани од државата.

2 октомври 2020 - 16:11