На Трамп му останаа само ужасни опции за Иран

САД и Иран повторно заглавија во ќорсокак на престрелки во кои никој не може да воспостави контрола врз Ормускиот проток. Техеран практично нема други опции, а Трамп е соочен со непријатен избор: или да прифати иранската хегемонија над теснецот, или да ја ескалира војната со сценарија што водат кон уште поголема катастрофа. 

Уште кога во јуни претседателите Трамп и Пезешкијан го потпишаа Меморандумот за разбирање беше јасно дека примирјето е осудено да пропадне. Договорот беше нејасно формулиран и секоја страна го интерпретираше согласно своите интереси и претензии за контрола на сообраќајот низ Ормускиот проток.

Техеран тоа го сметаше за стратегиска неопходност, која е поважна од нуклеарната програма. САД, кои со војната практично го повикаа Иран да го блокира протокот, очигледно не разгледувале сценарио во кое на својот непријател би му оставиле долгорочна контрола на стратегиската точка на меѓународната трговија со нафта и гас.

Сега, девет дена откако продолжија нападите, позицијата на иранските власти е јасна – најдобрата опција е да се држат до своите максималистички барања. На секое бомбардирање можат да возвратат со напад врз американски бази во регионот. На танкерите не мораат да трошат многу муниција. Самата закана од напад е доволно силна да ги убеди сопствениците на бродовите да не ги пуштаат преку протокот, дури ни со американска воена придружба. Тоа значи дека на Иран му се потребни многу малку ракети, беспилотни летала или мини за да го затвори теснецот. Се чини дека Исламската Република може да ја издржи американската контраблокада. Населението е навикнато на санкции и кризи, а економија изгледа релативно стабилна.

САД, од друга страна, имаат четири опции и секоја од нив е лоша на свој начин: може да продолжат како и во изминатите девет дена; да му ги предадат на Техеран клучевите од Ормускиот проток и да си заминат; да напаѓаат цивилни цели за да им го направат животот на Иранците неподнослив; или да го заземат протокот со копнена инвазија.

Држење до сегашниот курс подразбира продолжени воздушни напади врз иранската војска и инфраструктурата заради обезбедување доминантна позиција на евентуалните преговори. Трамп ја спроведува оваа стратегија веќе неколку месеци, но иранските барања останаа непроменети.

Сличен пристап на постепена ескалација на бомбардирањето не ја постигна целта ни во Виетнамската војна. Тоа ќе значи трошење муниција во надеж дека целосно ќе се елиминира капацитетот на Иран за напади врз бродови. Центарот за стратешки и меѓународни студии заклучи дека за замена на дел од најважното оружје потрошено во оваа војна ќе бидат потребни најмалку три години производство.

Потпишувањето на Меморандумот за разбирање некои го толкуваа како знак дека Трамп прифатил да попушти пред барањата на Иран и да ги повлече силите. Тој веќе изјави дека го решил проблемот и дека постигнал „најдобар можен договор“. Но, ѝ се врати на воената опција откако Техеран отвори оган кон првите бродови што поминаа низ протокот без да платат патарина. Во овој момент тешко е да се види пат кон нов договор, откако двете страни го прогласија Меморандум за разбирање за „мртов“.

Пристапот за интензивирање на бомбардирањето до степен животот да стане неподнослив, САД го применија против Јапонија на крајот од Втората светска војна, преку комбинација од бомбардирање и поморска блокада. Нападите врз иранската инфраструктура, како енергетските централи, мостовите и постројките за десалинизација би можеле на Американците да им отворат најбрз пат до „победа“, но тоа би било воено злосторство со масовни жртви, бран бегалци и хуманитарна катастрофа, не само во Иран. Властите во Техеран се заканија со реципрочни напади во соседните земји.

Конечно, САД би можеле да одлучат да испратат копнени трупи. Сепак, тие немаат доволно човечки ресурси и логистичка поддршка за да спроведат копнена кампања во Иран. Заземањето на малиот остров Карг би било исклучително ризичен потег, кој можеби не би го постигнал посакуваниот ефект дури и ако успее како тактичка операција.

Иран ја има предноста на „домашен терен“. Островот Карг по површина е речиси идентичен со јапонскиот Иво Џима, каде што Американците ја водеа една од најтешките битки во Втората светска војна, но е многу подобро бранет од подводни мини, бункери, ракети и дронови, не само на островот, туку и на брегот оддалечен дваесетина километри.

20 јули 2026 - 09:05