На Трамп му калемеле „руски врски“ и за отпуштањето на шефот на ФБИ

Американската федерална полиција истражувала дали претседателот Трамп дејствувал под влијание од Русија кога во 2017 година го разреши директорот на ФБИ. Операцијата била дел од пошироките обиди да се докаже улогата на Москва во победата на Трамп на претседателските избори претходната година, покажуваат новообјавени документи.

Трамп го разреши Џејмс Коми во мај 2017 година, откако беше утврдено дека директорот на ФБИ ја блокирал истрагата за Хилари Клинтон за да не предизвика штета на нејзината претседателска кампања. Тогашната државна секретарка беше под истрага поради испраќање доверливи електронски пораки од приватна адреса. Коми инсистирал дека истрагата треба да се затвори без покренување обвинение.

Само една недела откако претседателот го отпушти Коми, ФБИ отворила нова истрага, со кодно име „Оксфордска запирка“, за да испита и дали Трамп и „други лица кои допрва треба да бидат именувани“ се договарале да попречат федерални истраги.

Конкретни факти разумно укажуваат дека претседателот Доналд Трамп, свесно или несвесно, можеби бил вклучен во активности во име на Руската Федерација, кои би претставувале закана за националната безбедност на САД, пишува во декласифициран документ.

Случајот бил означен како чувствителен, постапка што вообичаено се применува за да се задржат информациите во ограничен круг агенти. Истрагата ја одобриле Џејмс Бејкер, тогашниот главен правен советник на ФБИ, и Вилијам Пристап, задолжен за контраразузнавање, а бил информиран и вршителот на должноста директор Ендрју Мекејб.

Но, сите докази од истрагата ги поткопале сомневањата дека Трамп дејствувал како руски агент.

Речиси сè што ФБИ имало во тој момент ги побивало или исклучувало сомневањата дека Трамп или неговиот изборен штаб тајно соработувале со Русија во тоа време, изјави за CBS News анонимен функционер запознаен со случајот.

Истрагата за отпуштањето на Коми официјално беше затворена на 9 април 2019 година, откако специјалниот советник Роберт Милер заклучи дека нема докази што ги поддржуваат тврдењата дека Трамп и неговата кампања се координирале со Русија.

Користењето на агенциите како оружје против претседателот Трамп беше неоправдано и целосно неамериканско. Секое лице за кое ќе се утврди дека дејствувало неетички ќе биде отпуштено од бирото и ќе биде одговорно според законот, соопшти портпарол на ФБИ.

Џејмс Коми во април беше обвинет за загрозување на животот на Трамп поради објавување фотографија со бројките „86 47“, што се толкува како кодирана шифра за „отстранување“ на 47-от претседател на САД. Коми го отфрла обвинувањето и тврди дека е жртва на реваншистичко гонење. Надлежен судија до 18 август треба да реши дали да го отфрли случајот или да закаже судење.

******
Види и: Смртна закана за Трамп од поранешниот шеф на ФБИ
Збогум на митот за руското мешање во американските избори

6 август 2026 - 10:14