Смртна закана за Трамп од поранешниот шеф на ФБИ

Тајната служба на САД истражува дали енигматичната порака од поранешниот директор на ФБИ всушност е повик за убиство на претседателот Доналд Трамп, кој лани два пати беше цел на атентати. Тивката војна помеѓу Џејмс Коми и Трамп почна во 2016 година, кога ФБИ отвори истрага за „руските врски“ на републиканците во кампањата, а ја затвори истрагата за мејловите на Хилари Клинтон.

Поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми, на својот профил на Инстаграм објави, па избриша фотографија на која со школки на плажа е напишано „8647“, со порака „Кул формација на школки“. Бројот 86 во сленг се користи како порака за „отфрлање“, „ослободување“, па и „убивање“, а Трамп е 47-от претседател на САД.

Министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем тврди дека пораката а повик за атентат врз претседателот.

Запознаени сме со објавите на поранешниот директор на ЦИА и го истражуваме случајот многу сериозно, порача претставникот на Тајната служба, Ентони Гуљелми.

Откако ја избриша фотографијата, Коми објасни дека испратил „политичка порака“.

Не претпоставив дека некои ќе го толкуваат овој број како повик за насилство. Јас се спротивставувам на насилство и затоа ја избришав пораката, порача Коми.

Тој отслужи само четири години од својот десетгодишен мандат што го доби во 2013 година. Спроти претседателските избори во 2016 година ФБИ отвори истрага дека кампањскиот штаб на Трамп одржувал врски со Русија. Откако Трамп победи на изборите, веднаш го разреши Коми поради тоа што лошо ја водел истрагата за случајот на Хилари Клинтон, која користела приватна електронска пошта додека била државен секретар.

Трамп лани два пати беше цел на атентат. Првиот пат беше ранет со куршум во увото на митинг во Пенсилванија. Од истрелите кон него загина еден учесник на митингот, а двајца беа ранети. Неколку месеци подоцна на терен за голф близу резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго беше откриен маж вооружен со пушка, кој сега е обвинет за обид за атентат врз претседателски кандидат.

16 мај 2025 - 08:45