На народ му се лета со авион, па макар и никаде

Квантас инстантно го продаде својот „лет до никаде“ кој полетува од Сиднеј и седум часа подоцна слетува во Сиднеј, а во меѓувреме само лета.

Летот треба да минува преку австралиската држава Нов Јужен Велс и некои тамошните највпечатиливи пејзажи и сцени. Се знае дека дел од летот ќе биде на ниска висина, меѓутоа не е јасно колку и што ќе можат да видат патниците од авионот.

Цената на картите е 575 (американски) долари за економска класа, 1.305 за премиум економска и 2.767 за бизнис класа.

Според австралиски Еј-би-си њуз, сите седишта на летот биле распродадени за само 10 минути.

Понудата и распродажбата на карта за 7 часа седење во метална кутија со уште стотина други патници, се случува во време кога светот достигна над 30 милиони потврдени случаи на ковид-19 и 946.000 смртни случаи.

Сличен план имаа и Сингапур ерлајнс, кои беа критикувани за загадувањето што ќе го создаде ваквата тура имајќи предвид дека авионите се еден од најголемите загадувачи на воздухот.

Летот е закажан за 10 октомври.

18 септември 2020 - 15:19