На Гутереш не му се по мерак ни Советот за безбедност, ни Бретон вудс

За време на Г7 самитот во Хирошима, првиот човек на Обединетите нации, порача дека и Советот за безбедност и договорот од Бретон вудс го одразуваат односот на силите во 1945 и треба да бидат апдејтувани на денешно време.

„Глобалната финансиска архитектура е застарена, дисфункционална и нефер. Соочена со економските шокови од ковид-19 и руската инвазија на Украина, таа не успеа да ја исполни својата клучна функција како глобална безбедносна мрежа,“ изјави генералниот секретар на О.Н., Антонио Гутереш, во Хирошима.

Една од клучните промени е што за разлика од пред 80 години, во 2023 на Кина и Индија ќе отпаднат 50% од глобалниот економски раст. Во исто време опадната е и силата на Г7 групата, на чии држави во 1980-та отпаѓале 50,7% од глобалниот БДП, за денес тоа да е само 29,9%.

Советот за безбедност периодов е под сериозен притисок главно заради моќта на Русија да ги блокира сите можни посериозни одлуки и постапки против нејзе по основа на војната во Украина. Советот посебно беше критикуван во април годинава кога Русија и покрај сè што се случува го презема ротирачкото претседателство.

Бретон вудс системот е збир на правила и политики кои се рамка за создавање на фиксен меѓународен девизен курс, и од кои произлегуваат ММФ и Светската банка.

25 мај 2023 - 11:33