Можеби има плус милијарда луѓе на планетава

Пописите воопшто не се прецизни во руралните средини, каде што живее 40% од светското население. Ново истражување открило грешки до 84%, што значи дека згора на официјалните 8,2 милијарди луѓе, планетава трпи уште барем милијарда што ги нема во статистиките. Со истражувањето била опфатена и Македонија. Кај нас реално има нешто повеќе луѓе отколку што кажува пописот. 

Голем дел од глобалното население не е преброен ниту е опфатен со пописните статистики, поради што бројот на луѓе на планетата можеби е за милијарда или две поголем од официјалниот, покажува истражување на фински научници.

Актуелните податоци од Обединетите нации и од агенциите за популација говорат дека во светот денес има околу 8,22 милијарди луѓе, плус или минус некој милион. Предвидувањата се дека глобалната популација ќе надмине 9 милијарди во 2037 година и ќе достигне 10 милијарди во 2058 година.

На страници на интернет глобалното население се ажурира во живо и во детали, со активни бројчаници на бројот на новородени и починати луѓе. Но, тие податоци се заокружен резултат на статистички процени направени со анализа на податоците од пописи. 

Научниот тим на Јосијас Ланг-Ритер од Универзитетот Алто укажува дека пописите не се прецизни, особено во руралните средини, кои се специфични. Откриени се грешки на непопишани жители од 53% до 84%. При глобално рурално население од околу 3,4 милијарди тоа би значело дека можеби не се преброени помеѓу 1,7 и 2,8 милијарди луѓе. 

Заедниците во оддалечените локации или во зоните погодени од конфликти и насилство се тешко достапни. Луѓето од овие места често пати имаат јазични бариери или одбиваат да учествуваат во пописите, објаснува Ланг-Ритер.

Лицата што се недостапни или одбиваат да се попишат технички се сметаат како „непостоечки“ и не се опфатени во вкупниот број на жители. Како типичен пример научниците го спомнуваат пописот во Парагвај во 2012 година, кога веројатно не биле евидентирани една четвртина од жителите.

Клучниот дел од истражувањето било проверка на податоци од 307 проекти за изградба на брани во 35 земји. При споредување на бројот на луѓе што биле иселени од регионите околу браните, со официјалниот број на оние што се населиле на други места биле откриени впечатливи разлики. Евидентирањето помал број луѓе од реалниот бил констатиран насекаде низ светот. Разликите биле поизразени во Кина, Бразил, Австралија, Полска и Колумбија.

Македонија е меѓу трите земји за кои е утврдено дека има повеќе жители отколку што покажува пописот

Бевме изненадени колку е голема разликата. Денес проценките на населението веројатно се конзервативна сметководствена пресметка. Имаме причина да веруваме дека на светот има многу повеќе од 8 милијарди луѓе, објаснува Ланг-Ритер, но се воздржува да даде прецизна бројка за реалната популација.

Погрешното броење на луѓето во руралните средини прави големи последици за планирањето, здравствената заштита и транспортната инфраструктура и го зголемува ризикот од лоши реакции при епидемии и природни катастрофи.

Други научници ја отфрлаат како нереална претпоставката дека светот има неколку милијарди луѓе повеќе од официјалниот број, но се согласуваат дека пописот во руралните средини се спроведува лошо и непрецизно.

Треба да инвестираме повеќе во собирањето податоци од руралните средини и да изнајдеме поиновативни начини да ги преброиме луѓето, вели Стјуарт Гител-Бастен од Научно-технолошкиот Универзитет во Хонг Конг.

15 април 2025 - 14:32