ММФ: Русија годинава ќе расте повеќе од сите западни економии

Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека оваа година руската економија ќе расте побрзо од сите напредни економии на светов. ММФ на Русија ѝ прогнозира раст од 3,2%, многу повеќе од Германија, Франција и Велика Британија. Едно од најгласните западни предвидувања кога се воведуваа драконски санкции за Русија беше дека тие брзо ќе ја клекнат на колена.

 

ММФ објаснува дека извозот на нафта кој „се одржува стабилен“ и државната потрошувачка која „останува високи“ придонесува за рускиот раст. За второво, заслужен е воено-индустрискиот комплекс кој значително се прошири заради војната.

Накратко, Русија брзо се адаптираше на „новото нормално“ во кое нејзината економија функционира во воен мод.

Од друга страна, Фондот предвидуваа оваа година економијата на Германија да расте само со 0.2%,  на Франција со 0,7%, на Велика Британија со 0,5% а на САД со 2,7%.

Генерално, во извештајот се вели дека светската економија се покажала како „извонредно отпорна“.

„И покрај многуте мрачни предвидувања, светот избегна рецесија, банкарскиот систем се покажа во голема мера отпорен, а големите пазарни економии во развој не претрпеа ненадејни сопки“, соопшти ММФ.

И покрај тоа што порастот на цените и натаму останува пречка, ММФ прогнозира дека глобалната инфлација ќе падне од 6,8% на 5,9% оваа година и на 4,5% во 2025-та.

„Предвидувањата на ММФ ќе бидат фрустрирачки за западните држави кои се обидоа економски да ја изолираат и казнат Русија за нејзината инвазија на Украина во 2022 година“, пишува CNBC.

 

17 април 2024 - 13:21