
Националниот архив, по наредба од претседателот Доналд Трамп, сподели со јавноста 2.200 документи на вкупно 80.000 страници за убиството на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди.
Докумените се објавени во електронска форма, без редактирања, но на некои веќе биле пречкратни редови и имиња. Други се во состојба да не може да се прочита што е запишано.
Имаме огромно количество документи. Ќе имате за читање, порача претседателот Трамп.
Масовното пребарување низ документите покажа дека тие не содржат крунски докази што би ја оспориле официјалната верзија за атентатот во Далас на 22 ноември 1963 година: Маринецот Ли Харви Освалд испукал два куршуми во претседателот и го убил. Тој дејствувал сам. Новите документи не содржат ни докази дека убиството го нарачала ЦИА, мафијата, Фидел Кастро или КГБ.
Сепак има документи што содржат неколку битни податоци за мистеријата што 62 години ги прогонува Американците:
Освалд не бил агент на КГБ
Атентаторот Ли Харви Освалд бил воен ветеран, кој пребегал во Советскиот Сојуз пред да се врати во Тексас, што поттикна теории дека бил врбуван од советската служба КГБ да го ликвидира претседателот на САД. Во меморандум од канцеларијата на ЦИА во Санкт Петербург од ноември 1991 година пишува дека руски разузнавачки извор „темелно ги прегледал петте тома од дебелото досие на Освалд и заклучил дека тој никогаш не бил агент под контрола на КГБ“.
Освалд бил лош стрелец
Изворот на ЦИА забележал во досието дека КГБ внимателно и постојано го следела Освалд во СССР. Агентот што го набљудувал додека вежбал пукање забележал дека е „лош стрелец“.
Освалд ги посетил амбасадите на СССР и на Куба во Мексико
Во телеграми и меморандуми од ЦИА е нотирано дека при посетата на Мексико неколку недели пред атентатот, Освалд ги посетил амбасадите на Советскиот Сојуз и на Куба. Тој телефонски побарал виза за СССР, а потоа побарал виза и во Амбасадата на Куба. Во запис за прислушуван телефонски разговор е забележано дека Освалд комуницирал со агент на КГБ во Мексико.
Кој е Андерхил Јуниор?
Извештај од левичарскиот магазин „Рампартс“ од јули 1967 година говори за армиски офицер и агент на ЦИА, Џон Гарет Андерхил Јуниор, кој еден ден по атентатот врз ЏФК панично го напуштил Вашингтон „од страв дека ќе го убијат“. На пријател во Њу Џерси му кажал дека „мала клика во ЦИА“ е одговорна за атентатот. Шест месеци подоцна Андерхил бил пронајден застрелан во својот стан во Вашингтон. Лекарот го запишал случајот како самоубиство.
Сергеј Чернонох ја предупредил ЦИА
Објавено е и писмо од извесен Сереј Чернонох испратено до британската амбасада во 1978 година. Чернонох напишал дека бил приведен во Лондон во јули 1963 година, неколку месеци пред атентатот, и дека го известил американскиот вицеконзул Том Блекшир за планот на Освалд да го убие претседателот. Информацијата наводно ја добил од другарот Василев, советски конзул во Бугарија.