Мексиканска буна

Група само-организирани Мексиканци ја превземале контролата во еден помал град на пацифичкиот брег на земјата, по што ги уапсиле тамошните полицајци и поставиле барикади околу градот.

Според изјавите на самите членови на "народната милиција " организацијата брои 1.500 вооружени лица, а нивна цел е спречување на криминалот и грижа за граѓаните од кои полицијата кренала раце.

Ова следува по убиството на лидерот на групата, а во акцијата тие уапсиле 12 полицајци и директор за јавна безбедност во градот Тиера Колорадо (кој се наоѓа на автопатот што го спојува Мексико со Акапулко). Тие го обвинуваат поранешниот директор дека во договор со нарко-картелите го убил нивниот лидер, 28-годишниот Гвадалупе Карбахал.

"Ја опколивме општината бидејќи тука криминалците непречено оперираат сред бел ден, пред очите на властите. Го уапсивме директорот за јавна безбедност бидејќи тој е поврзан со криминалците и знае кој го уби нашиот командант," изјави портпаролот на организацијата.

По ова тие извршиле претрес во неколку куќи низ градот, а во некои од нив заплениле дрога. Групата го предала директорот и полицајците на сојузните обвинители, кои се согласиле да го истражат целиот случај и нивната поврзаност со организираниот криминал.

Оваа и слични групи почнаа во последно време да се појавуваат низ Мексико како одговор на неверојатниот бран на убиства во војната меѓу нарко-картелите. Заради неможноста да ја гарантираат јавната безбедност во руралните средини во земјата, властите на големо ги толерираат овие групи.

28 март 2013 - 15:10