
Кабинетот на западната лондонска општина Хамерсмит и Фулам одобри повеќе од 3 милиони фунти за да ја подобри мрежата на камери за јавен надзор. Во овој кварт веќе има поставено 2.000 камери, повеќе во однос на бројот на жители отколку во кое било друго место во Британија. Ќе бидат инсталирани и нови, фиксни, а околу 500 ќе бидат надградени со вештачка интелигенција.
Камерите за препознавање лица во живо ќе бидат инсталирани околу жариштата на криминалот и во реално време ќе препознаваат лица и ќе ги споредуваат со оние од полициската база на податоци, соопшти советот.
Според извештајот, вештачката интелигенција ќе овозможи поефикасна репродукција на видео, автоматско следење на возилата преку ГПС и ќе ја зголеми ефикасноста на операторот и времето за реакција. Системот ќе има способност за ретроспективно препознавање лица (RFR) низ мрежата на камери и за автоматско пребарување на снимките заради следење на рутите што ги користат криминалците низ општината.
Се предлага и воведување беспилотни летала кои ќе можат директно да следат лица или возила. Нивната примена треба да биде одобрена од Управата за цивилно воздухопловство.
Активната група „Биг Брадер Воч“ предупреди дека употребата на препознавање лица предложена од советот претставува „невидено ниво на масовен надзор“ и означува „крај на приватноста во јавниот простор“.
Не само што сакаат постојано и во реално време да го проверуваат идентитетот на луѓето, туку сакаат и да снимаат видео записи за нивниот секојдневен живот и да ги прегледуваат движењата и однесувањата. Дали советот ќе го користи ова за да ги следи оние што фрлаат ѓубре или за да казнува за паркирање? Нема правила... и советот го користи ова без заштитни мерки, предупредува Џаслин Чагар, задолжена за правни и политички прашања во „Биг Брадер Воч“.
Стивен Кован, претседавач на општинскиот совет, изјави дека општината е „пионер во употребата на ВИ за идентификување луѓе вклучени во криминал или антисоцијално однесување.“
Кривичниот систем е нефункционален долго време. Како последица на штедењето, некогаш е исклучително тешко да се изведат луѓе пред суд. Се стремиме да имаме подобри докази, што одат подалеку од границите на очекувањата, изјави Кован.