Малку зорт и одма го заборавивте Моетот

Конгломератот ЛВМХ се пожали дека годинава заради општата депресија што владее во светот нивниот бизнис со вино и шампањ во првите 6 месеци паднал за 12%. Заработил 1,52 милијарди долари, ама тоа е помалку отколку лани.

Финансовиот на ЛВМХ за падот во приходите ги обвинува „драстичните проблеми во побарувачката на шампањ“ кој е пијачка „вообичаено поврзана со прослави, среќа и слично“. Под ЛВМХ се шампањите Дом Перињон, Круг и Моет, меѓу другите.

„Можеби сегашната глобална ситуација, без разлика дали е геополитичка или макроекономска, не ги тера луѓето да слават и да отвораат шишиња шампањ. Стварно не знам, меѓутоа факт е дека обемот на продажба е намален за двоцифрен број,“ изјавил финансовиот директор на ЛВМХ Жан-Жак Гиони.

Проблемите на ЛВМХ допрва може да се влошат, бидејќи новите генерации, конкретно ген З се повеќе се вртат кон безалкохолни верзии на пијалаците. Во анкета од јануари над 60% од испитаниците родени меѓу 1997 и 2002, изјавиле дека планираат да ја намалат консумацијата на алкохол.

Други анализи кои подолго време го следат пазарот покажуваат дека минатата година продажбата на вино е падната за 3%, и тоа е трета година по ред како индустријата бележи пад.

И овие анализи за трендот ги обвинуваат миленијалците и ген 3, кој според нив се повеќе фокусирани на сопственото здравје и „велнес“.

Дел од објаснувањето за минусот на ЛВМХ е и тоа што периодов цел свет е зафатен од инфлација и намалени приходи, заради што претпоставката е и дека и понатаму има прослави, меѓутоа сега се далеку поумерени, па луѓе се решаваат за поевтини решенија.

5 август 2024 - 09:17