
Британската влада најави дека ќе користи систем со вештачка интелигенција за да спречува криминал. Со постојана анализа на податоците од разни бази, системот ќе создава детални интерактивни мапи на кои ќе ги посочува местата во кои „најверојатно“ ќе биде извршен криминал.
Алатката, која треба да биде целосно оперативна до 2030 година, ќе ги собира сите податоци што меѓусебно ги споделуваат полицијата, агенциите за безбедност, социјалните служби и локалните совети. Ќе има пристап до сите лица со криминално досие, локации на претходни инциденти и ќе воспостави модели на однесување на познати сторители.
Со почетна инвестиција од 4 милиони фунти ќе бидат изработени прототипи, кои ќе се користат од април идната година. Конечниот производ, со кој ќе бидат опфатени териториите на Англија и на Велс, ќе чини 500 милиони фунти, во рамките на Програмата за забрзување на мисиите за истражување и развој.
Најсовремената технологија како вештачката интелигенција може да ги подобри нашите животи на многу начини, вклучително и за одржување на нашата безбедност. Ќе ја користиме за да ги спречиме вандалите, за да го заштитиме мнозинството што ги почитува законите од оние што ги прекршуваат, изјави министерот за наука и технологија Пит Кајл.
Џон Хејвард-Крипс, извршен директор на Neighbourhood Watch, го поздрави предлогот.
Мапата ќе собере богатство од вредни податоци и ќе им овозможи на органите за спроведување на законот поефикасно да ги насочат своите ресурси на локално ниво и да помогнат да се спречат жртви на криминал“.
Групи за граѓански права предупредија на застрашувачки и дистописки последици.
Третирањето на луѓето како податоци што треба да се следат ги претвора во осомничени по дифолт. Потпирање на податоци собрани во минатото е ризик да се засили пристрасноста во кривичниот систем, предупреди портпарол на групата за граѓански слободи Big Brother Watch.
Претставник на програмите за истражување и развој објаснува дека моделите ќе се хранат со податоци за криминални инциденти, извори на социодемографски податоци и онлајн платформи за податоци за однесување.
Овие системи поддржуваат анализа на области со висока концентрација на криминал и социо-просторни механизми, овозможувајќи скалабилни увиди и насочени стратегии за превенција. Приватноста и анонимноста ќе бидат заштитени преку „рамка за етика“ - одговорно истражување, независни прегледи на етички одбори, протоколи за заштита и месечни евалуации со строги процедури, истакна претставникот.
Вештачката интелигенција нема да има пресудна улога, туку со техники на машинско учење само ќе помага заради препознавање на обрасци, групирање и предвидлива аналитика.