Буџетското барање на претседателот Доналд Трамп до Конгресот содржи најголемо зголемување на трошоците за борба против домашниот тероризам во изминатите години. Во ставките е и Здружениот центар за мисии, кој е посветен на проактивно гонење на Американци кои властите ќе ги класифицира како „домашни терористи“.
Центарот би бил предводен од ФБИ, а во него би биле вклучени службеници од десет агенции. Новиот центар се бори против заканите преку „интегрирање на разузнавањето, оперативна поддршка и финансиска анализа“.
Во категоријата домашни терористи се вклучени Американци, кои се мотивирани од: антиамериканизам, антикапитализам, антихристијанство, поддршка за соборување на владата, екстремни ставови за миграцијата, расата или родот и кои имаат непријателски ставови кон традиционалните семејни, религиски и морални вредности.
Со други зборови, ако вашите политички ставови не се поклопуваат со МАГА, вие ќе бидете на листата, забележува репортерот Кен Клипенштајн.
Социјалните медиуми се издвоени како плодна почва за домашен тероризам.
Домашните терористи експлоатираат различни популарни платформи на социјалните медиуми, помали веб-страници со целна публика и шифрирани апликации за разговор. Тие ги користат овие платформи за регрутирање нови приврзаници, планирање и собирање поддршка за акции во живо и ширење материјали што поттикнуваат радикализација и мобилизација кон насилство, пишува во објаснувањето.
Клипенштајн оценува дека формулирањето на меморандумот NSPM-7 било поттикнато од убиството на конзервативниот политички коментатор Чарли Кирк. Буџетското барање алудира на „драматично зголемување на грозоморните атентати“. Сведочејќи пред Конгресот во врска со атентатот врз Кирк, директорот Кеш Пател рече дека ФБИ за 300% ги проширил истрагите за домашен тероризам.
Пател го затвори Центарот за проверка на тероризам, формиран по нападите врз САД на 11 септември 2001 година и го пренамени во Центар за проверка на закани. Наместо џихадисти, сега превентивно ќе се следат закани од Американци.