
Заедничка комисија историчари ќе го истражува наследството на „тешката цена“ што Хаити ја плати за својата независност. На 200-годишнината од признавањето на независноста на Хаити, францускиот претседател Емануел Макрон призна дека долгот бил неправеден.
Успешната борба на Хаити за слобода беше во хармонија со идеалите на Француската револуција и требаше да им овозможи на Франција и Хаити да тргнат на заеднички пат. Комисијата ќе ја утврди вистината за цената на слободата на една млада нација што беше соочена со неправда, изјави Макрон.
Хаити прогласи независност во 1804 година откако поранешните робови во битки ги совладаа француските сили. Тоа е единствениот успешен бунт на робови во поновата историја. Париз го призна суверенитетот на Хаити дури 21 година подоцна. Кралот Шарл Десетти построи моќна флота околу карипската земја и побара 150 милиони франци во злато, како компензација на штетата за сопствениците на робови. Таа сума беше речиси двојно поголема од онаа што САД ја платија за Луизијана.
Хаити така премина од вистинско во финансиско ропство. Позајмуваше од Франција за да ѝ плаќа на Франција до 1947 година. Стана првата и единствена земја во светот во која потомците на робовите ги обесштетуваа потомците на нивните господари, со генерации. Долгот подоцна беше намален на 90 милиони златни франци, но тоа не го извлече Хаити од должничката спирала.
Студија на Њујорк тајмс од 2022 година покажа дека Хаиќаните платиле околу 560 милиони денешни долари како обештетување. Ако тие пари останеле во економијата, пишува весникот, „со текот на времето Хаити ќе заработел 21 милијарда долари“.
Макрон избегна да ги спомне долгогодишните барања на Хаиќаните за репарации од земјата што два пати ги поробила.
Марлен Даут, професорка на Универзитетот Јеил, вели дека за вистинско нормализирање на односите и исправање на неправдата, Франција прво мора да се извини.
Француските власти не сакаат да слушаат за „отплата“. Тие претпочитаат да зборуваат за „помош“, бидејќи тоа ги менува односите во нивна корист, вели Даут.
Поранешниот претседател Жан-Бертран Аристид во 2002 година побара од Франција да му плати на Хаити компензација од 21 милион долари. Тоа барање се наведува како една од причините за француската поддршка за пучот против Аристид две години подоцна.
Во 2015 година претседателот Франсоа Оланд поттикна лажни надежи кога кажа дека „Франција треба да го израмни долгот“, но подоцна објасни дека мислел на „морален“ долг. Во Порт-о-Пренс Оланд беше пречекан со натписи: „Ќе ги земеме парите, а не моралот“.
Карипската заедница КАРИКОМ неодамна побара репарации од Франција и другите поранешни колонијални сили. Политичкиот сојуз тврди дека овие нации го оправдувале ропството и геноцидот во име на националниот интерес и наметнувале отштети за сопствениците, а не за робовите.
Франција го призна ропството како злосторство против човештвото, но сепак одбива да направи репарации за тоа злосторство, оцени Фриц Дешоме од Националниот комитет на Хаити за репарации.