Кувајт забрани копање криптовалути: претерано цицаат струја

Кувајт повеќе нема да биде рајска оаза за рударите за криптовалути, кои ја преоптоваруваат електричната мрежа. Модерните копачи на злато нагрнаа во заливската земја поради големите субвенции за енергетиката. Во рација во биле откриени рудници за криптовалути во стотина домови. Откако биле исклучени од мрежата, потрошувачката на струја била преполовена.

Кувајт го прогласи рударството на криптовалути за нелегално како дел од широката акција за да се надмине енергетската криза. 

Засилената употреба на уреди за климатизирање поради пролетните жештини веќе предизвика прекини на струја. Властите ја префрлија вината врз неконтролираната потрошувачка на енергија од платформите за копање криптовалути, кои ја напнуваат мрежата над капацитетот.

Тргувањето со криптовалути е забрането во Кувајт од 2023 година. Крипторударството беше во правна сива зона, без специфична легислатива до неодамнешните владини мерки. 

Министерството за внатрешни работи објави дека почнало безбедносна операција насочена кон повеќе од 1.000 домови со претерано високи сметки за струја. Во регионот Ал-Вафрах биле спроведени рации во околу 100 домови. Некои трошеле и по 20 пати повеќе струја од вообичаеното. По исклучувањето на рударите од мрежата, потрошувачката на струја во Ал-Вафрах се намалила за 55%.

Поради владините субвенции од 10 милијарди долари во енергетиката, струјата во Кувајт е меѓу најевтините во светот, што ја прави земјата атрактивна дестинација за крипторударите што сакаат да го максимизираат профитот.

Математиката е едноставна. Се проценува дека за копање на 1 биткоин се троши по 155 мегавати струја. Според актуелнaтa ценa на струјата во Кувајт (0,046 долари за киловатчас), тоа значи дека се добива вредност од 95.000 долари за вложени 7.130 долари за струја, без да се пресмета цената на опремата.

На светско ниво биткоинот цица струја приближно колку цела Полска, но крипторударите од Кувајт не се глобална закана. Во 2022 година тие биле одговорни за 0,05% од ископаните криптовалути.

5 мај 2025 - 11:46