Кошмарот се врати во Газа

Израел на најбрутален начин го прекина примирјето во Газа - со жестоки бомбардирања во кои загинаа повеќе од 400 луѓе. За Палестинците тоа е враќање во пеколната спирала на смрт, талкање, борба за вода, храна и лекови, крај на последните трошки надеж дека во Газа може да се врати мирот пред да биде целосно уништена. За преостанатите 59 израелски заложници на Хамас, тоа е смртна пресуда. 

Примирјето во Газа крваво е прекршено со стотици жртви, токму во периодот кога требаше да почне втората фаза. Опозициски медиуми во Израел веќе предупредуваа дека Нетанјаху не ни помислувал да го спроведе до крај договорот што опфаќаше повлекување на израелските сили од Газа, ослободување на израелските заложници и враќање на раселените Палестинци во своите домови. 

Повод за операцијата е заклучокот дека „Хамас го искористил прекинот на огнот за да ја преземе повторно контролата врз Газа“.

Израел, пак, го искористи примирјето за да ги одмори трупите, да ги поправи авионите и тенковите и да ги пополни резервите со муниција, со обновените пратки на оружје од САД и цврстата политичка поддршка од Белата куќа. 

Критичарите на Нетанјаху додаваат дека офанзивата во Газа е најдобар начин премиерот да ја засили поддршката од радикалните партии, па и лично да се извлече од затворска казна поради корупција: Судот го одобрил барањето да не се појави на рочиштето поради војната. Барањето од Нетанјаху за смена на новиот шеф на службата за внатрешна безбедност се толкува како обид да се заштити од очекуваните масовни протести.

На Газа ѝ се пишува црно. Израелските одбранбени сили веќе објавија предупредувања за евакуации, што е сигнал за копнена операција. Газа повторно ќе биде запечатена и повеќе нема да се доставува хуманитарна помош. Хуманитарни агенции предупредуваат дека Палестинците имаат основни производи за околу три недели.

 

18 март 2025 - 16:33