Конгресмени бараат САД да признаат дека Израел има нуклеарно оружје

Група конгресмени бараат администрацијата на Трамп да го прекине повеќедеценискиот молк и јавно да признае дека Израел има нуклеарно оружје, што е јавна тајна која Израел ниту ја признава ниту ја негира. Додека САД се во војна со Иран, Американците треба да знаат што поседува и што може да направи нивниот главен сојузник и да ги имаат предвид можните последици.

Во писмо до државниот секретар Марко Рубио, 30 демократски конгресмени забележуваат дека молкот на Вашингтон за израелската нуклеарна програма е неодржлива во услови на војна со Иран и поради заканата од ескалација на судирите во регионот. Тие истакнуваат дека јавноста треба да биде запознаена за нуклеарните капацитети на нивниот сојузник во војната и за можните последици.

Не се само теоретски ризиците дека поради погрешна процена конфликтот може да ескалира со употреба на нуклеарно оружје. Конгресот има уставна одговорност да биде целосно информиран за нуклеарната рамнотежа на Блискиот Исток, ризикот од ескалација од која било страна во овој конфликт и плановите на администрацијата за такви сценарија и непредвидени ситуации, пишуваат конгресмените.

Авторите на писмото тврдат дека политиката го поткопува кредибилитетот на САД, кои ги признаваат програмите за нуклеарно оружје на Индија, Пакистан и Северна Кореја, но за Израел има различен стандард. Без да го признае арсеналот на Израел, Вашингтон има слаба основа за барањето Иран да ја уништи или барем да ја ограничи својата нуклеарна програма.

Во писмото се поставени 11 специфични прашања, вклучувајќи: какво е нуклеарното оружје на Израел, дали му ги претставил на Вашингтон своите „црвени линии“ за употреба на нуклеарно оружје во актуелната војна со Иран, дали Центарот за нуклеарни истражувања Негев во Димона произведува фисиски материјал или плутониум и дали администрацијата на САД ги проценила околностите под кои Израел би можел да употреби нуклеарно оружје.

Притоа се цитира декласифицираната проценка на американското разузнавање од 1974 година, во која се заклучува дека Израел „веќе произвел нуклеарно оружје“. За тоа сведочат и изјавите на научникот Мордекај Вануну од 1986 година, јавните изјави на поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт и пратеникот Тали Готлив. Израелскиот министер за наследство Амихај Елијаху отворено сугерираше дека една од можностите за војната против Хамас е да биде фрлена атомска бомба врз Газа.

Ова е еден од најдиректните предизвици на премолчениот договор меѓу САД и Израел. Писмото крши табу кое трае повеќе од половина век. Ова е нешто што никој не се осмели да го направи порано, вели Авнер Коен, водечки историчар за нуклеарната програма на Израел.

Се верува дека Израел тајно ја изградил својата програма за нуклеарно оружје кон крајот на 1950-тите, но никогаш досега не го признал тоа. Нема ни јавно претставена доктрина во кои услови и ситуации би можело да биде употребено такво оружје.

Молкот во 1969 година го договорија тогашниот претседател Ричард Никсон и израелската премиерка Голда Меир, кога Вашингтон ефикасно ја прифати политиката на Израел за „нуклеарна двосмисленост“ и се согласи да ја заштити од меѓународен надзор. Без САД, Израел сам не можеше да ја одржува оваа политика со децении, вели Коен.

7 мај 2026 - 13:50