Колт престанува со производство на најчесто употребуваната пушка во масакрите низ САД

Полуавтоматската АР-15 (која со малку чепкање знае да стане автоматска) е една од пушките од портфолиото на Колт од која повеќе нема да биде произведен ниту еден примерок за цивилна употреба.

Од Колт објаснуваат дека не мрдаат од својот став околу правото за носење оружје, меѓутоа американскиот пазар веќе е презаситен со модели за спортски лов, па наместо на цивили, тие ќе се фокусираат на исполнување на договорите што ги имаат за војската и полицијата.

„Реалноста е дека во текот на изминатите неколку години пазарот за модерни спортски пушки доживеа значително изобилие во капацитетот за производство. Имајќи го предвид ова ниво на производствен капацитет, веруваме дека за блиска иднина постои доволна залиха на модерни спортски пушки,“ порачал ЦЕО-то на Колт.

Меѓу масакрите во кои беше искористен АР-15 се Сенди Хук (убиени 6 возрасни и 20 деца), ноќниот клуб во Орландо (49 убиени и 53 ранети), средното училиште во Паркленд (17 убиени), Лас Вегас (58 убиени и 422 ранети).

Волмарт неодамна објави дека ќе престане со продажба на одреден тим муниција откако во една негова продавница во Тексас беа убиени 22 лица.

Иако за пофалба, одлуката на Колт веројатно нема да промени многу околу достапноста на оружјето, или како што објаснуваат американските медиуми: „Тоа што Колт ќе престане со производство на АР-15 е исто како Сони да престане со производство на лаптопи.“

23 септември 2019 - 11:26