Кој, што доби со мировниот договор за Нагорно-Карабах

Во моментот кога војната во Нагорно-Карабах се очекуваше дека ќе премине на повисоко ниво на насилства, беше објавено дека двете страни потпишале мировен договор.

Ова беше втората војна за Нагорно-Карабах, откако во првата која заврши во 1994, загинаа најмалку 30.000 луѓе. Во оваа од септември до понеделникот загинаа меѓу 1.000 и 5.000 луѓе.

На терен пред објавата на примирје, претседателот на Азербејџан објави дека неговата војска го освоила вториот по големина град во Нагорно-Карабах, Шуши.

Во ваква ситуација ерменскиот премиер целосно изненадувачки на социјалните медиуми објави дека потпишал мировен договор со Русија и Азербејџан за ставање крај на војната.

„Ова не е победа, ама не е ни пораз. Ја донесов одлуката како резултат на длабоки анализи на воената ситуација,“ напиша Никол Пашинјан.

Неколку часа подоцна ова го потврдија и рускиот и азербејџанскиот претседател.

Кратко по Фејсбук постот на Пашинјан, стотици Ерменци незадоволни од ваквата одлука упадна во владината зграда во Ереван, барајќи го премиерот на земјата.

Процената е дека Ерменија ја изгубила воената контрола над Нагорно-Карабах, Азербејџан во своја корист го свртел балансот на силите кој беше замрзнат од војната во 1990-те, а Русија и Турција (како поддржувач на Азербејџан) го засилиле своето влијание во регионот, оставајќи ја Ерменија како најслаб играч.

Без разлика што вели премиерот на земјата, Ерменија ја изгуби војната и ќе мора да се повлече од три области во Нагорно-Карабах, и уште седум околни територии, и сето тоа до 1 декември.

Етничките Ерменци и понатаму ќе ја имаат контролата врз главниот град Степанакерт и областите главно на северот од земјата, меѓутоа процената на експертите е дека Ерменците нема да задржат ништо стратешки значајно.

Азербејџан пак од 1-ви декември ќе ги контролира териториите напуштени од Ерменија, вклучително и неодамна освоениот Шуши, „што значи дека Азербејџан со своите воени сили ќе ги контролира најважните области во Нагорно-Карабах.“

Мировниот договор ќе му овозможи на Азербејџан да изгради пат кој соодветно ќе го поврзе истокот на земјата со новоосвоените територии. Освен што на овој начин територијата ќе стане поблиска до Азербејџан, тоа ќе го олесни и секое идно пренесување на воени сили и економски залихи во Нагорно-Карабах.

Тоа што Русија го доби со договорот е што 5 години ќе задржи 2.000 војници во коридорот Лачин, главниот пат за поврзување на Нагорно-Карабах со Ерменија. Овие војници ќе треба да ја заштита Ерменија од идни напади од Азербејџан и да ја надгледуваат изградбата на патот од коридорот до Степанакерт, што ќе го заобиколи изгубениот град Шуши.

Со ова Русија добива поголемо влијание во регионот отколку што имаше пред војната.

Ќарот на Турција е што од почетокот сериозно го поддржуваше Азербејџан, па сега има уште посилни врски со победникот.

„Сумирано, договорот значи дека Азербејџан е јасниот победник во конфликтот во Нагорно-Карабах; Ерменија е оставена да се тетерави и во политички проблеми; а Русија и Турција го засилија своето присуство и влијание во регионот.

Ова е драматична промена од тоа како ситуацијата изгледаше пред само шест недели,“ пишува Алекс Вард во Вокс.

11 ноември 2020 - 17:23