
Во Стратегијата на ЕУ за хемикалии, усвоена во 2020 година Европската комисија наведува дека „во согласност со меѓународните обврски ќе обезбеди опасните хемикалии забранети во Европската Унија да не се произведуваат за извоз“.
Во изминатите години Европската комисија забрани домашна употреба на десетици видови пестициди, вклучувајќи ги хербицидот глуфозинат и фунгицидот манкозеб. На списокот се и хемикалии што се дозволени за користење од регулаторните тела во други богати економии. Целта е „да се спречи штетата што можат да ја нанесат врз здравјето на луѓето и животната средина, како намалување на плодноста или уништувањето на пчелите“.
Извозот на пестициди што се забранети во Европа всушност се зголемил од 81.600 тони во 2018 година на 122.000 тони во 2024 година, покажуваат документи што преку барања за слобода на информации ги добиле истражувачи од организациите Unearthed, Гринпис и швајцарската непрофитна Public Eye.
Европската комисија попушти пред интересите на индустријата дозволувајќи да ја прошири токсичната трговија, наместо да ја запре како што вети. Секое дополнително одложување на примената на забраната е предавство на човековите и еколошките права, изјави токсикологот Ангелики Лисимачу, која не била вклучена во истрагата.
Европската комисија одговори дека „ги споделува загриженостите и е посветена на нивно решавање“.
Вкупното количество за извоз е зголемено иако од ЕУ замина Британија, кој е голем производител на пестициди. Најголемиот извозник во 2024 година била Германија, пред Белгија, Шпанија, Холандија и Бугарија.
Најголем увозник бил САД, а преостанатото количество претежно завршило кај земји со ниски и средни приходи. Дел од штетните хемикалии ќе се вратат во ЕУ преку увезената храна. Во Бразил се прскаат фарми за шеќерна трска со која се снабдува „Нестле“, а во Костарика со пестициди се третираат плантажите на банани.
Претставник на германскиот фармацевтски и биотехнолошки гигант Баер одбил да ги коментира извезените количини, но истакнал дека „сите производи се безбедни за луѓето и животната средина доколку се применуваат според упатствата на етикетата“.
Фактот дека производот за заштита на растенијата не е овластен или е забранет во ЕУ не кажува ништо за неговата безбедност. Многу други регулаторни агенции низ целиот свет - вклучувајќи ги САД, Канада, Јапонија, Австралија и Нов Зеланд - исто така имаат сигурни, робусни, внимателно функционални и софистицирани регулаторни системи за заштита на здравјето на луѓето и животната средина, изјавил претставникот на Баер.