ЕУ ќе плаќа и свои долгови со руски пари

Брисел објави дека со низа финансиски и сметководствени финти успеала да најде „легален“ начин да грабне 175 милијарди евра од руските заробени средства. Главнината од 130 милијарди ќе ги префрли во „Заемот за репарација“ за Украина, а со рестото ќе ги плати сопствените обврски од заемот за Украина што го договори со Г-7. Киев ќе го враќа долгот кога ќе добие воени репарации од Русија.

Шемата за прочистување на грабнатите руски пари не е договорена до детали, но главната поента ја претстави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред две недели.

Основа на Заемот за репарации се руските средства што беа замрзнати во централниот депозитар за хартии од вредност „Euroclear“ во Белгија во 2022 година, кога почна руската инвазија врз Украина. Од вкупната сума од околу 210 милијарди евра, 175 милијарди созреале и станале готовина што ќе се користи за новиот кредит од 130 милијарди што ќе му биде даден на Киев, за да му се помогне да ги финансира трошоците за војната.

Планот е Украина да почне да го враќа кредитот кога ќе обезбеди воени репарации од Русија, како очекуван дел од идниот мировен договор. Ризикот за враќање на заемот колективно го преземаат европските земји, со можност да се приклучи и друга земја од групата Г7.

Преостанатите 45 милијарди евра од заробените руски пари што на овој начин ќе ѝ бидат на располагање Европската Унија ќе ги искористи за да го плати својот долг од заемот за Украина што лани го договори со Г7.

Ова, според функционери во Брисел, е „фина“ шема што ќе ѝ овозможи на ЕУ да ги искористи руските пари во војната против Русија и за да ги израмни сопствените сметки, а притоа парите да не бидат конфискувани. Европската централна банка и многу европски влади предупредија дека конфискувањето би била црвена линија што не смее да се пречекори. Со овој начин на префрлање на пари нема да биде нужна едногласна поддршка и ќе се надмине ризикот Унгарија со вето да го блокира планот.

Механизмот за Заемот за репарации би можел да вклучува и посебен елемент за претворање на руските пари од „Euroclear“ во обврзници без купон издадени од Европската комисија со гаранции од владите на ЕУ.

******

Види и: Нов обид на Брисел да црпне од запленетите руски милијарди

25 септември 2025 - 12:44