
Документацијата заборавена во Ветерспунс пабот се однесува на хидрауликата на новата подморница, која е задолжена за контролирање на отворите за торпедата, управување и пловност.
Изворите што ги пренесуваат британски медиуми тврдат дека вечерта кога биле најдени документите, пабот бил преполн со гости.
Документите имале обележје „чувствителни“ што според правилата на британската влада значи дека треба да бидат споделени само со лица „кои вистински треба да бидат запознаени со нив“ и би можеле да имаат штетни последици доколку бидат изгубени.
Според британската морнарица документите биле дел од упатството за работење со морнарицата кои се достапни за целиот екипаж, па не може прецизно да се одреди кој ги има заборавено таму.
Пабот се наоѓа на 5 минути пешачење од бродоградилиштето на кое се составуваат подморниците од класата Астут. Конкретната подморница од која доаѓаат документите, ХМС Ансон, е петта таква подморница произведена таму.