Уште при самото повлекување од трката Бајден се откажа од парите и ги повика поддржувачите да продолжат да донираат пари за кампањата на Камала.
Претходно, адвокати и оперативци од Демократската партија, ја предлагаа Камала за потенцијална замена на Бајден, како најлесно решение за партијата. Едно, да не се губи време во однос на Трамп кој одамна ја има залауфано својата кампања, второ да не се расфрлаат пари и трето, името на Камала веќе е на документите поднесени во тамошната Изборна комисија.
Во рок од неколку часа откако Бајден ја објави својата одлука, Демократската партија одлучи да ја официјализира промената и во Изборната комисија да го смени името на кампањата во Харис за претседател.
Во исто време неколку републикански адвокати тврдат дека демократите немаат правно овластување да ја направат промената и дека за потегот секако ќе добијат пријава и тужба.
Нивниот аргумент е дека и Бајден и Харис би требало да бидат официјално номинирани од демократите на конвенцијата во август, за да може да се изврши ваквото примопредавање.
„Бајден не може да ги префрли своите пари кај Харис затоа што се собрани под негово име, и нема правни механизми како тие би биле собрани заеднички со Харис пред двајцата да бидат официјални кандидати на партијата,“ сметаат републиканците.
Околу спорот ќе треба да решава изборната комисија, која пак е рамномерно партиски поделена меѓу демократите и републиканците со по тројца претставници, заради што постои опасност / надеж парите од кампањата на Бајден на неодредено време да заглават токму во комисијата. Доколку тоа се случи, одлучувањето се префрла на американските судови.
За претседателката на изборната комисија, именувана од Бајден, нема ништо спорно бидејќи Комитетот Бајден за претседател е изборниот комитет за кампањата на Бајден и Харис, „парите остануваат со Харис се додека таа останува на ливчето.“
Друга потенцијална пречка е дека според федерални закони парите што претседателските кандидати ќе го соберат за својата кампања и за општите избори, треба да ги вратат доколку изгубат или се повлечат пред општите избори. Таков беше случајот во 2008 кога Хилари ги врати донациите собрани за општите избори откако ги изгуби партиските избори од Обама. Во сегашниот случај, уште држи тоа што името на Камала беше на ливчето со Бајден пред тој да се откаже од трката.