Ќе ги укине ли Америка расните квоти за студенти?

Врховниот суд на САД е на пат да им забрани на некои од најелитните универзитети во земјата, при упис на нови студенти да ја бодуваат и нивната боја на кожа. Позитивната дискриминација своевремено беше дозволена од судот, но тоа беше пред Трамп да го засили конзервативниот табор во највисоката судска инстанца. 

Студентска организација смета дека таканаречената „позитивна дискриминација“ при упис на факултет не е фер и дискриминира други студенти на кои им недостасувал „расниот фактор“. 

Доколку Врховниот суд се произнесе позитивно по тужбата, тоа ќе значи дека универзитети од рангот на Харвард и оној во Северна Каролина, при избор на нови студенти ќе мора да бидат „слепи за бојата“ на апликантите. 

Студентите тврдат дека на овој начин отпаѓаат голем број ветувачки кандидати и дека особено се дискриминирани азиските Американци и белите студенти. Аргументираат дека со ваквото правило се прекршува 14-от амандман од Уставот кој на државата ѝ наложува да има ист третман кон сите.  

Врховниот суд еднаш пресуди дека таканаречените „позитивни квоти“ не се косат со уставот и законите за граѓански права и дека е дозволено да се земе во обзир расната припадност, сè додека конечната одлука се носи на „холистички начин“ при што расата е само еден од факторите за прием. 

Но, тоа беа други времиња. Во меѓувреме, Трамп спроведе кастинг во Врховниот и го смени односот на силите; сега е 6:3 во корист на конзервативните судии. 

Харвард и другите факултети кои имаат ваков принцип за прием, тврдат дека неговото укинување повторно ќе доведе до невоедначен пристап за одредени групи кои немале еднакви можности за наобразба, поради „системскиот расизам“, една од омилените пароли на прогресивците.

Каква и да е одлуката на судот, таа ќе засегне само мал број врвни факултети, бидејќи повеќето ги примаат речиси сите што ќе се пријават. 

Во Аризона, Калифорнија, Флорида, Мичиген, Небраска, Њу Хемпшир, Оклахома и Вашингтон е забрането факултетите да се распрашуваат за расата на кандидатите.

Ова е втор голем случај кој доаѓа пред новиот состав на Врховниот суд, после оној за абортусот.  Со оглед на првиот исход, речиси е извесно дека и на „позитивната дискриминација“ ѝ се гледа крајот. 

1 ноември 2022 - 16:24