
Во обид да го поттикнат наталитетот, кинеските власти ќе им даваат на семејствата по 3.600 јуани (500 долари) годишно како финансиска помош за секое дете до возраст од три години, односно вкупно 1.500 долари. Детската помош важи и ретроактивно и може да ја добијат и родителите чии деца се родени од 2022 до 2024 година. Државата тврди дека овие пари ќе им помогнат на повеќе од 20 милиони семејства со трошоците за одгледување деца.
Некои провинции веќе воведоа свои политики за да ги охрабрат луѓето да имаат повеќе деца. Во март, Хохот - град во северниот регион на Кина - почна да им нуди на жителите до 100.000 јуани по бебе за двојки што имаат најмалку три деца. Шенјанг, град североисточно од Пекинг, нуди 500 јуани месечно на локалните семејства со трето дете под три години. Централните власти ги повика локалните самоуправи да изготват планови за бесплатно згрижување деца во градинки.
Според студијата на кинескиот Институт за истражување на населението Јува, Кина е меѓу најскапите земји во светот за одгледување деца. Студијата покажа дека одгледувањето дете до 17 години во Кина чини просечно 75.700 долари.
Во јануари, официјалните бројки покажаа дека населението на Кина се намалило трета година по ред во 2024 година. Кина регистрираше 9,54 милиони бебиња родени во 2024 година, според Националното биро за статистика. Тоа претставува мало зголемување во однос на претходната година, но вкупната популација продолжи да се намалува. Населението од 1,4 милијарда, исто така, брзо старее.
Ова се последици на бруталната политика „едно дете“, која комунистичките власти строго ја применуваа од 1980 до 2015 година, во периодот на брза урбанизација и економски развој.
Сумата е премногу мала за да има сериозно влијание врз стапката на наталитетот или врз потрошувачката. Но, политиката е важен чекор што поставува основа за финансиски иницијативи во иднина, вели Ѕичун Хуанг, аналитичар од Капитал економикс.
Групата Сити рисирч проценува дека во втората половина од оваа година властите ќе исплатат субвенции за деца од 117 милијарди јуани и проценува дека мерката ќе има поголемо влијание за засилување на потрошувачката.
Професорката Ема Ѕанг од Јејл вели дека многу посериозни мерки за зголемување на наталитетот би биле структурни инвестиции во грижа за децата, зголемување на породилното отсуство и заштитата на работните места на жените што сакаат да имаат деца.
Тоа уште повеќе ќе го зголеми финансискиот товар врз работоспособното население, кое забрзано се намалува. До крајот на оваа деценија се очекува во пензија да заминат околу 300 милиони луѓе, речиси колку што САД имаат жители.
******