Кампања на ЕУ од 649 милиони евра против слободата на говорот

Зад повиците од ЕУ за борба против „говорот на омраза“ и „дезинформациите“ се крие огромна инфраструктура за уништување на слободното изразување, критикува аналитичар од бриселски тинк-тенк. Тој предупредува дека целта на Европската комисија не е да го заштити општеството од опасни идеи, туку да ја заштити владејачката идеологија од демократски предизвици. 

Европската комисија издвоила 649 милиони евра од даночните обврзници за обемна и тивка кампања против слободата на говор. Со овие пари биле финансирани неодговорни невладини организации и универзитети да спроведат 349 проекти поврзани со борба против „говорот на омраза“ и „дезинформациите“, пишува во новиот извештај „Фабрикување дезинформации: ЕУ-финансираната пропагандна војна против слободниот говор“.

Кога Комисијата на ЕУ го дефинира говорот на омраза, дезинформациите или екстремизмот, таа не ги идентификува проблемите, туку ги повлекува линиите околу тоа што може да се каже, од кого и со какви последици, наведува авторот Норман Луис, искусен аналитичар за дигитална комуникација и регулаторна политика од MCC Brussels.

Тој забележува дека во многу европски иницијативи се употребува нејасна терминологија, како намерна лингвистичка стратегија да се прикрие намерата.

Некои од проектите не само што имаат за цел да извршат влијание врз дебатата, туку и да ја автоматизираат со модели со вештачка интелигенција обучени во реално време да препознаат и да потиснат политички непожелен говор. Проектот VIGILANT е опишан како „пакет со ВИ за следење, класифицирање и профилирање на говорот, корисниците и мрежите, за да се поедностави контролата на слободата на изразување“.

Програмите насочени кон младите се претставени како граѓанско образование, но повеќе функционираат како наметнување на однесувањето.

Притоа парите од даночните обврзници се злоупотребувале за фингирани „истражувања“ заради политичка афирмација, наместо за оспорување.

Истражувањето што систематски ја докажува претпоставката не е истражување; тоа е фабрикувана пропаганда за легитимирање на наративот и за делегитимирање на какви било идеи или наративи што не се конформистички, наведува авторот.

Претставниците на ЕУ ги прикажуваат овие програми како истражувања од јавен интерес, но во извештајот тие се опишани како форма на „мек авторитаризам“ за стеснување на прифатливото мислење преку бирократска манипулација. 

Општество што го редефинира надзорот како „безбедност“ или цензурата како „умереност во содржината“ не треба целосно да ги замолчи граѓаните. Тоа едноставно го менува значењето на нивниот молк, заклучува докторот Луис.

22 мај 2025 - 15:49