Без многу хронологија, само два датума: Асад доаѓа на власт во 2000 година, војната започнува пролетта 2011.
Само една година пред „вишите инстанци“ да решат дека „Асад е диктатор со кој не може да се преговара војната, Њујорк Тајмс ја прогласува Сирија за седма најпожелна туристичка дестинација во светот. Не само фасцинантните плажи во Тартус и Латакија, тука се бројните древни градови заштитени од Унеско, живите пазари, сочувани остатоци од римската империја.... Дамаск е прогласен за арапски град на културата а сириската храна во бројните ресторани, фурни и слаткарници од сега уништениот Алепо се сметала за убедливо најдобрата храна на Блискиот исток. Сирија од туризам таа година укнижува 8,6 милијарди долари и ја посетуваат повеќе туристи (8,5 милиони) отколку Австралија (5,6 милиони).
Уште една година порано, во 2009-та, во неколку држави на Блискиот исток, CNN прави сондажа за најпопуларен политичар во регионот и на неа победува Асад, со 66% од гласовите.
Непосредно пред војната, Сирија брои 22 милиона жители кои по многу работи се слични на оние кои живеат во развиените западни земји. Музика, спорт и мода се едни од најпопуларните разоноди а во 2010 на интернет Сиријците најмногу пребарувале Арапски идол, бодибилдинг, летна мода и Мајли Сајрус. Истата година во земјата концерт имаат Горилаз а на Јутјуб меѓу најгледаните видеа се оние со фудбалскиот клуб Барцелона.
Сирија е изворно мултикултурно и мултиконфесионално општество во кое со векови има органски соживот меѓу различните фракции на христијаните (римокатолици, православци, протестанти, гркокатолици), муслиманите (сунити, шиити, алавити), Евреи и други верски заедници. Дури пет поглавари на римокатоличката црква се по потекло од Сирија а дури 10% од населението се христијани (во околните земји тој процент е околу еден). Во големите градови постојат многу места кои луѓето ги споделуваат без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност (различно од онаа најсељачка идеја која Фрчкоски евер ја понудил: да постојат две Македонии а „вмровци“ и “шарени“ да се раздвојат и да се знае кој каде пие кафе, јаде ќебапи, гледа претстава или се шиша).
Државата е секуларна, шеријатот е вон сила, забрането е да се продава ГМО храна, жените не се задолжени да ги покриваат лицата и носат бурки.
Во периодот од 200 до 2010, сирискиот БДП се утростручува. Истовремено, властите успеваат да го намалат односот на јавниот долг во однос на БДП на само 30%. Сирија во тој период се чини толку стабилна и економски жива, што после избивање на војната во Ирак во 2003, таа станува дестинација број еден за ирачките бегалци кои бараат засолниште од американската инвазија и последователната граѓанска војна. До 2010 година Асад прима околу еден милион ирачки бегалци.
Патем, Сирија поседува нафтени извори проценети на 2.500 милиони барели и гас од околу 240.700 кубни метри.