Како отоманскиот сон на Ердоган се распадна во Сирија

Намерата на Турција да се наметне како светска сила (што би била прва светска сила без нуклеарно оружје) моментално заглави на пола пат меѓу откачување на НАТО и Западот од една и покажување сила на Русија од друга страна.

Ангажираноста што ја покажа во Сирија и општо Блискиот Исток даде сериозна полетност на нео-отоманските амбиции на Ердоган. Меѓутоа по неколку инциденти кои речиси целосно и да ја пресекоа папочната врска меѓу Западот и Турција, битката за Идлиб стана можност за Ердоган во пракса да ги провери своите капацитети.

Па откако кон крајот на февруари 33-ца турски војници загинаа во напад на сириските сили (поддржани од Русија), Ердоган одлучи на помош да ги повика сојузниците од НАТО, кои скоро и да го изигнорираа барањето на својот сојузник.

Ердоган потоа директно им се одбрани на САД да им го побара Патриот одбрамбениот систем, и таму имаше уште помал успех отколку со НАТО сојузниците, главно затоа што на САД уште ни најмалку им нема попуштено лутината околу турската набавка на рускиот С-400.

„Тоа што го видовме во Идлиб е срамот на империјата на Ердоган. Неговата визија дека Турција може да биде самостојна сила се покажа како комплетно погрешна,“ објаснува Сонер Чагаптај од Вашингтонскиот институт за блискоисточна политика.

Не дека Ердоган немаше успеси до сега. Пример, Туркиш ерлајнс е авиокомпанијата која лета до најмногу држави во светот, со што ги отвора можностите за навлегување на турското влијание, а турски серии се емитуваат во над 100 држави. Ердоган игра сериозна економска и политичка улога во Африка и на Балканот, успеа во своја корист да го сврти Трамп кога се Курдите во прашање, а на Медитеранот „присвои“ огромни водни пространства кои Грција тврди дека се нејзини.

Неговиот обид за инсталирање наклонети лидери низ арапскиот свет првично вроди со плод, но по неколку години издиша. Така Морси во Египет беше соборен со државен удар, исламистичката партија Енхалда во Тунис одлучи да се повлече, а напорите во Сирија беа пресретнати од руската интервенција во 2015. Во Либија владата признаена од О.Н. (поддржана и наклонета кон Анкара), е под воена опсада од милитанти поддржани од Русија, Египет и Емиратите.

Од сето ова најголемата болка на Ердоган веројатно е Сирија, каде постојано се бори за спречување на создавањето на курдска држава, која би била водена од сојузници на Курдската работничка партија. Стравот е дека каква била појава на курдска држава во регионот би довела до обединување на курдските територии во Сирија, Ирак и Турција, што е најстрашниот исход за која било турска владејачка гарнитура.

Инаку, Идлиб се уште останува последното упориште на сунитските Арапи и Ал Каеда радикали кои требаа да му помогнат на Ердоган во соборување на власта на Ал Асад во Дамаск. Свесни за ова, и со намера да ги отворат двата најважни автопати во земјата, сириските сили поддржани од про-ирански милиции и руска авијација, тргнаа во освојување на провинцијата, по што и изби судирот (за сега само дипломатски) меѓу Турција и Русија.

„Во моментов малкумина од традиционалните турски сојузници на Западот се волни и способни да го извадат Ердоган од проблемите во Идлиб. Тоа го остава него зависен од Русија, која го контролира воздушниот простор, а со тоа има и предност во каква било воена ескалација.

Публиката на Ердоган е публика од еден човек: Путин,“ изјавува Емил Хокајем од Меѓународниот институт за стратешки истражувања.

6 март 2020 - 13:03