Трамп уште во 2019 година потпиша извршна наредба со која им наложи на федералните агенции да изградат одбрана од оружје со електромагнетен пулс (ЕМП). За таквата опасност го предупредиле неговите советници, следбеници на движењето што го почнал Хенри Шварц, произраелски сопственик на бизнис со млеко и млечни производи.
Приказната оди до времето од Студената војна, кога Шварц бил во Военото воздухопловство и работел со нуклеарни боеви глави. Во тој период станал загрижен дека нуклеарна експлозија во атмосферата или силна сончева бура би можеле да создадат електромагнетен пулс кој за неколку секунди би ја уништил електричната мрежа.
Како млекар, се плашел дека тоа би го запрело снабдувањето со храна и вода во земјата. Како Евреин, се плашел дека опасноста може да дојде од Иран.

Користејќи го своето огромно богатство стекнато од бизнисот, во 2009 година ја основал непрофитната невладина организација EMPact America и вложил милиони долари за организирање на национални конференции на кои лобирал до републикански конгресмени, генерали и научници да извршат притисок до администрацијата да ги заштити електричните трансформатори од ЕМП.
Евентуалните смртни случаи би можеле да достигнат до 90% од населението на САД, или повеќе од 300 милиони луѓе. Тоа е приближно четири пати повеќе од жртвите во Втората светска војна, најсмртоносниот конфликт во историјата, предупредуваше EMPact.
Лобирањето убедило конзервативци како Њут Гингрич, Мајк Хакаби, Џон Болтон, Пит Хегсет, Џон Ратклиф и Џ.Д. Венс да кренат поголема паника и да се залагаат за воена акција против нуклеарната програма на Иран.
САД мора да дејствуваат воено за да го спречат Иран. Напад со ЕМП ќе ја збрише нашата цивилизација, предупредуваше Шварц во Вашингтон во 2013 година.
На тој состанок добил поддршка од Џон Болтон, кој подоцна беше советник за национална безбедност на Трамп и одигра централна улога во изготвувањето на извршната наредба за ЕМП.

Венс, пак, гостувајќи на подкастот на Џо Роган во октомври 2024 година, изрази загриженост дека наредбата на Трамп и плановите за зајакнување на мрежата не се успешни.
Нацијата има малку резервни трансформатори ако невидливиот наплив на ЕМП енергија би ги уништил постоечките. Тоа е скандал, изјави Венс. Во истиот разговор тој го нарече Иран „најголемата политичка закана со која се соочуваме на Блискиот Исток“.
Експерти објаснуваат дека таков напад е поблизу до научната фантастика отколку што е реална закана, особено од земја како Иран. За да се создаде толку моќен електромагнетен пулс, потребно е да се детонира нуклеарно оружје во атмосферата на височина од стотици километри. Експлозијата во такви услови не создава печурка како обична атомска бомба и нема да убие луѓе на земјата, но создава верижна реакција слична на суперсилен радио предавател на електромагнетни бранови кои може да ја уништат електричната мрежа за електраните, телекомуникациите, транспортот, банкарството, водоводните системи и другата инфраструктура.

За да биде нападот успешен, потребна е хидрогенска бомба, а Иран, според екстремните тврдења на Израел, со години наназад е на „два месеци“ од создавање обична атомска бомба. Техеран, исто така, треба да развие проектил што може да ја однесе бомбата на прецизна локација над САД, да ја активира на точна надморска височина во непредвидливи временски услови.
Стивен Јангер, поранешен физичар од Лос Аламос, објаснува дека ова е голем предизвик дури и за напредните нуклеарни сили.
Со плашење на луѓето во Вашингтон може да се заработат пари. Дали е можен ЕМП? Секако. Дали треба да бидеме внимателни? Да, треба. Но, на списокот егзистенцијални закани за САД, ирански напад со ЕМП е рангиран толку ниско што едвај заслужува внимание, вели Јангер.