Како кинески рибари почнаа да ловат шпионски подморници

Во приморските делови од Кина властите започнаа со официјална кампања во која им даваат парични награди (сериозни) на сите рибари што ќе уловат шпионски подморници во своите мрежи или на кој било начин.

Последната вест е дека Кина неодамна наградила 11 рибари кои откриле вкупно 7 уреди. И ова не е прв пат, бидејќи во 2018 имаше 18 наградени рибари за 9 уреди.

Она што е посебно впечатливо околу целата работа е што наградите знаат да се сериозно високи и изнесуваат до половина милион јуани или 65.000 евра.

Ваквото изобилие на шпионски подморници (дронови) се објаснува со локацијата - провинција Ѓангсу на истокот од Кина, чиј брег е со должина од над 1.000 километри. Таа е директно карши Јапонија и Јужна Кореја, каде има стационирани и сериозни американски сили, а Тајван е на околу 800 километри на југ од нејзе.

Кина не го открива потеклото на уловените подморници, туку само наведува дека тие се произведени во други држави.

Сомнежот е дека физички тие потекнуваат од САД, но не се знае дали американските сили стационирани во регионот се одговорни за нивно управување и пуштање во погон. САД веќе со години паралелено со програмата за развивање на летачки дронови, работат и на подводни дронови кои за сега имаат само разузнавачки, а не и боеви функционалности.

Од друга страна и Кина има свои подводни дронови кои ги има пуштено во оптек, а Би-би-си шпекулира дека риболовците кои ги уловиле подморниците веројатно е дека се припадници од кинеската морнарица.

16 јануари 2020 - 11:38