„Националната безбедност“ е омилениот чекан на Трамп

Што имаат заедничко забраната за пристап на новинари од Белата куќа, триумфалната капија во Вашингтон и Гренланд? Трамп вели дека сите се важни за националната безбедност на САД. Настојува да ги употреби овластувањата што му ги нуди широкото толкување на овој термин за да ги оправда своите потези како врховен командант, „главен архитект“ и „главен уредник“.

Кимберли Веле, професорка по право на Универзитетот во Балтимор, забележува дека проширените овластувања на извршната власт, кои се особено впечатливи во вториот мандат на претседателот Доналд Трамп, влечат корени од унапредувањето на теоријата за унитарна извршна власт во ерата на Џорџ Буш, иако денешната национална свест не мора нужно да ја одразува итноста од времето по нападите на 11 септември.

Користењето на националната безбедност како оправдување за политика од страна на извршната власт може да предизвика екстремна воздржаност или поголемо почитување на одлуките кај судовите, укажува Веле.

Откако медиумските куќи CNN, MS NOW и Politico објавија дека ќе ја тужат администрацијата поради забраната на пристап во Белата куќа, Трамп возврати дека тие шират лажни вести, кои се „закана за нашата национална безбедност“.

Во таа категорија беа образложенијата кога Пентагон воведе нови правила за однесување на новинарите за да спречи протекување на чувствителни информации.

Адвокати од Министерството за правда неодамна објавија дека законите што го ограничуваат развојот на вештачката интелигенција „ја загрозуваат националната безбедност“.

Трамп ја искористи „националната безбедност“ како аргумент за поставување на триумфалната капија. Објасни дека таа ќе има двојна намена и дека во неа ќе бидат сместени снајперисти, беспилотни летала и муниција. Со таков пристап очекува да добие дозвола да ја продолжи изградбата на салата за бал во Белата куќа, откако го урна Источното крило на резиденцијата.

Апелацискиот суд не го прифаќа овој обид за манипулација.

Иако овој суд придава големо значење и покажува голема почит кон повикувањето на националната безбедност и безбедноста на претседателот, таквите аргументи не претставуваат автоматска дозвола за заобиколување на законот, објави судот.

Со оваа закана се оправдуваат и мерките против странските студенти во САД, мигранти со привремена заштита и патници од одредени земји. 

На надворешен план, Трамп упорно ја користеше „националната безбедност“ како аргумент за заканите дека ќе го анектира Гренланд од Данска. САД и Данска пред неколку дена конечно постигнаа договор со кој Америка добива траен воен пристап и контрола на безбедноста и инвестициите на островот. 

Далеку повеќе спорни се воените операции на САД во водите на Карибите и источниот Пацифик против бродовите што наводно им припаѓаат на латиноамерикански нарко-картели. Во едногодишната кампања досега се убиени повеќе од 230 луѓе.

Нејасноста на поимот „национална безбедност“ се помести кон опасна зона каде што тие зборови стануваат бланко-чек и добиваат недопирливо значење пред судовите. Трамп не го почна ова. Но, неговото упорно повикување на националната безбедност за работи што очигледно немаат никаква врска со неа, е на ново, повисоко ниво“, забележува Елизабет Гоитин, од аналитичкиот центар „Бренан“.

22 септември 2026 - 09:10