Како градовите ги убедуваат луѓето да ги остават колите дома

Што сè не пробале разни инженери за да ги ослободат градовите од сообраќајните гужви. Порано решението се гледаше во отворање нови коловозни ленти, а сега во затворање улици и бришење паркинг-места. Главната цел е да се обезбеди ефикасен јавен превоз, но тешко е на луѓето да им се одземе навиката да користат автомобили. Тие се поудобни, побезбедни и статусен симбол.

Градовите имаат различни стратегии за да се ослободат од главната болка – метежите што го парализираат сообраќајот, ја загадуваат средината со чад и врева и предизвикуваат повеќе сообраќајни несреќи. Некои ги стимулираат граѓаните да користат јавен превоз, други ги оптоваруваат ако користат коли. 

Со децении одговорот беше пробивање повеќе сообраќајни ленти и проширување на паркинзите, но тоа поттикнува уште поголемо користење автомобили. Новиот тренд е да се зголеми ефикасноста и удобноста на јавниот превоз.

Резултатите често се спротивни на очекуваните. Во Талин, главниот град на Естонија со околу половина милион жители, на референдум во 2012 година беше изгласано јавниот превоз да биде бесплатен. Од 2013 година, градските трошоци за јавен превоз паднаа на околу 40 евра по жител. Но, бројот на патници драстично паднал од 42% на 30%, а употребата на автомобили се зголемила за 5%. Единствено луѓето што и онака се возеле во автобуси сега ги користат почесто. Слични резултати пријавиле и Луксембург, Малта и Канзас Сити, кои исто така воведоа бесплатен јавен превоз. 

Џакарта, град со повеќе од 11 милиони жители, вложи многу во ефикасен јавен превоз, во обид да привлече 60% од граѓаните да го користат до 2030 година. Автобусите се климатизирани, достапен е персонал за помош, а билетите се 0,2 евра. Има и розови автобуси резервирани за жени. Воспоставен е „брз автобуски транзит“ и постоечките ленти се пренаменети за да отворат 14 коридори за автобуси. Минибуси бесплатно пренесуваат патници до автобуските станици.  Мрежата покрива 250 километри и овозможува луѓе од секој дел од градот да имаат помалку од 500 метри до јавниот превоз.

Во насока кон ограничувања тргна Лондон, кој го наплаќа пристапот во улиците во централни зони. Париз затвори улици, избриша паркинг-места и тројно ги зголеми цените на паркирањето.

Пит Дајсон од британскиот Универзитет Бат, вели дека одговорот како луѓето избираат да патуваат се сведуваа на психологија. 

Луѓето обично ги поврзуваат автомобилите со статус и гордост. Тие ги задоволуваат и основните потреби за безбедност и удобност, кои ги нема во преполните автобуси што доцнат, објаснува Дајсон.

Тој додава дека разликите може да се надминат само ако јавниот превоз стане побезбеден, поудобен и побрз.

15 мај 2025 - 13:22