Според кинескиот закон сточарите се должни сите лешови од животни да ги фрлаат во депониите или да го закопаат животното во дупка со средства за дезинфекција. Сепак најголемиот дел не го почитува ова и се решава на фрлање на лешовите во блиските реки или езера.
Заради ова и цел куп слични проблеми, загадувањето од земјоделие (стока, зеленчук, овошје) го надмина индустрискиот отпад како главен загадувач во Кина. Отпадот од животни преставува 90% од вкупниот број на органски загадувачи на водата во Кина.
Кинезите се сосема свесни за овие проблеми. Неодамна еден кинески бизнисмен му понуди 32.000 долари на претставникот на локалните власти задолжен за заштита на околината, да преплива една река во нивниот регион. Во 2011-та, испуштањето на измет од фарма за патки во река во провинцијата Хенан, предизвика дијареја кај илјадници жители.
Кинеските власти се уште истражуваат како стотиците свињи завршија во реката. Во исто време на Веибо, блогерите потсетуваат дека неодамна десетици илјади свињи умреа од болест, а беа откриени само 1.200 лешови.