Каде згреши Рим?

Во блицкригот низ Рим , ултрасите на Феенорд уринираа на Шпанските скали, сериозно ја оштетија фонтаната Баркача (неодамна реновирана со донација од 200.000 евра од Булгари), кршеа излози од продавници, уништија 15 градски автобуси и поголем број автомобили и веспи.

Ла Стампа прави анализа и предлага што се' можела да направи италијанската полиција за да го спречи ова.

Прво на списокот е забраната за алкохол која била воведена во средата вечер, кога Холанѓаните се веќе пристигнати, што според весникот е премногу доцна. Плус забраната била само за одредени барови и не важела за продавнички и продажба на црно. Вечерта на плоштадот Кампо деи Фиори избива "урбана војна" која завршува со апсење на 28 хулигани.

Во четвртокот наутро испратен е твит во кој сите ултраси на Феенорд во Рим се повикуваат да се соберат на Шпанскиот плоштад и од таму заедно да тргнат кон стадионот. Претходно беше најавено дека тие ќе се собираат на мостот Дука Д'Аоста. Никој кај властите и во полицијата не знае за оваа промена затоа што не ги проверил социjалните мрежи.

Последната забелешка е зошто по немирите во средата вечерта на Кампо де Фиори, никој од власите не делувал превентивно и да нареди заштита на спомениците во градот.

Процедурално полицијата призна дека имала пропуст во комуникацијата со колегите од Ротердам, од каде им најавиле дека во Рим доаѓаат само 100 ултраси. Во средата пристигнале над 500 ултраси без влезници за натпреварот, кои патувале преку Белгија за да избегнат проверки.

За Ла Стампа ниту Феенорд, ниту холандските медиуми не го осудиле соодветно целиот инцидент. Холандскиот амбасадор изјавил дека одговорните "ќе платат" за она што го направиле, но најавил и дека холандската влада не планира да преземе никаква финансиска одговорност.

28 февруари 2015 - 22:17