Јужна Каролина ќе пука

По зачестените затајувања на смртоносните инјекции, САД им се враќаат на стрелачките водови, како „похуман“ метод за егзекуција на лица осудени на смрт. Повеќето сојузни држави погубуваат осуденици со инјекции, некои со гасни комори, други користат електрични столици, а одамна помина времето на бесилките. 

Фото: ЕПА

Брег Сигмон, осуден на смрт поради свирепо убиство на родителите на својата девојка, в петок ќе биде стрелан во Јужна Каролина.

Тоа ќе биде првата смртна казна со стрелање извршена во САД по речиси 15 години. Откако Врховниот суд во 1976 година ја укина забраната за извршување смртни казни, сојузните држави ги спроведуваат со инјекција, со електрична столица, со гасна комора, стрелачки вод или бесилка.

Од вкупно 1.428 егзекуции во САД во изминатите 49 години, најголем број се спроведени со инјекција. Ова го дозволуваат 28 сојузни држави, воените сили и федералните власти. На осудениот, легнат и врзан на количка, му се вшприцува смртоносна мешавина од лекови. Овој начин важи за еден од најхуманите, зашто осудениот се опива и смртта настапува безболно.

Барем во теоријата. Во реалноста, инјекцијата знае да биде агонија. Имало случаи кога болничарот-џелат не може да му ја најде вената на осуденикот, кога се затнувала иглата или смртоносната доза не била фатална.

Проблемите со инјекциите поттикнаа експерименти со други, не помалку смртоносни методи. Девет сојузни држави, вклучувајќи ја и Јужна  Каролина, користат електрична столица. На врзаниот осуденик му ставаат електроди на главата и на нозете и низ телото му пуштаат струја од 500 до 2.000 волти. Со струја биле погубени вкупно 163 осуденици. Овој начин веќе се избегнува и по 2000 година применет е само врз 19 луѓе. За споредба, во периодот од 1924 до 1964 година само на електричната столица „Олд спарки“ во Тексас биле убиени 361 лице.

Гасната комора е вообичаен начин на егзекуција во осум сојузни држави, кои од 1979 до 1999 година погубиле 11 осуденици на смрт. Човекот е врзан на столица во запечатена просторија, во која пуштаат гас со цијанид. Алабама лани го надгради труењето во задушување - на осуденик низ маска му пушта азот додека не остане без кислород.

Пред стрелачки вод завршиле само тројца осуденици по 1977 година, сите во Јута, иако стрелањето е дозволено и во Ајдахо, Мисисипи, Оклахома и Јужна Каролина.

Осудениот го врзуваат на стол и од далечина од околу 7 метри во неговото срце нишанат неколкумина затворски чувари со пушки. Во Ајдахо, стрелците чекаат како „резерва“ ако инјекцијата не се покаже ефикасна. Се предлага во иднина наместо стрелци пушките да ги активира електронски уред.

Ниту една сојузна држава денес не користи бесење, што било главниот метод за егзекуции пред повеќе од 150 години.  Во периодот од 1608 до 2002 година низ Америка на бесилка завршиле 9.332 луѓе. Во новата „хумана“ ера биле извршени три казни, од 1993 до 1996 година. Во Њу Хемпшир бесењето е резервна опција, ако затаи инјекцијата.

3 март 2025 - 10:47