
Трамп од Иран побара „безусловно предавање“.
Ајатолахот му врати дека Иранците никогаш не се предаваат.
Потоа, дигајќи ја својата здрава рака (левата, бидејќи функционалноста на десната ја има изгубено од бомба скриена во касетофон од страна на опозициската група Народни муџахедини), му порача: „ако Америка влезе во војна, ќе претрпи непоправлива штета“.
Шест дена по почетокот на војната, израелските авиони, ракети и беспилотни летала продолжуваат да прават сериозна штета на иранските воени, нуклеарни и цивилни цели, додека повремените ракети од многу помалиот арсенал на Иран сепак минуваат низ одбраната на Израел.
Предупредувањето на Врховниот лидер за „непоправлива штета“ можеби има за цел да сугерира дека, доколку сегашниот, чисто воздушен конфликт прерасне во копнена операција, ситуацијата ќе стане „Виетнам“.
Хамнеи, во својата 87-ма година од животот е икона на најфанатичните пешадиски војници на режимот. Во Иран нема да се повтори ирачкото сценарио од 2003 година, кога „елитната“ Републиканска гарда на Садам Хусеин се разбега; ниту пак Хамнеи ќе биде новиот Башар ал-Асад, сирискиот автократ кој избега во Москва кога неговиот режим беше соборен минатата година.
„Исламската Република можеби ја изгуби љубовта и почитта на мнозинството Иранци, но нејзиното јадро е недопрено“, пишува Кристофер Де Белаиг.
Ситуацијата ги подели ирански опозициски активисти како никогаш до сега. Едната страна ја обвинува другата за предавничка поза во агресивната војна на Нетанјаху; другата страна обвинува дека другиве кротко застануваат зад домашните тирани.
Реза Пахлави, протераниот син на последниот шах на Иран, без ефект повикува на масовно востание против режимот. Самопрогласениот престолонаследник остави лош впечаток кога беше интервјуиран од Лаура Кунсберг од Би-Би-Си минатата недела. „Сè што го ослабува режимот“, рече тој, „е позитивно“. Видливо шокираната Кунсберг праша: „Дали навистина верувате дека бомбардирањето на вашата земја од страна на Израел, убивањето цивили во Иран, е нешто позитивно?“
Иронијата е што засега, војната не ги зголеми туку ги намали шансите на Иранците да го соборат режимот. Само пред неколку недели, земјата вриеше од политички немири, камионџиите штрајкуваа во целата земја, а Иранците протестираа против неспособноста на властите да им обезбедат основни услови како вода, или пак природен гас кој земјата го има во изобилие.
Веќе две години, режимот не е во можност да ги принуди милионите жени кои го напуштија хиџабот за време на протестите „Жена, живот, слобода“ од 2022-2023 година повторно да ги стават своите шамии. Многумина веруваа дека промената на режимот ќе се случи органски и без надворешни стимулации.
Колку и да е голема омразата на милиони Иранци кон Исламската Република, побуните организирани од надвор се гледаат како срамни. Во текот на изминатиот век или нешто повеќе, Иран претрпе неколку интервенции од странски сили, од промена на режимот до прекинати реформски движења. Ниеден Иранец кој дошол на власт на тој начин не успеал.
„Многу Иранци, доколку се соочат со избор помеѓу Хамнеи и Нетанјаху, ќе го изберат - со тешко срце - првото“, пишува Де Белаиг.