Израелски воени хирурзи се обучувале на донирани тела на починати Американци

Дваесетина илјади Американци секоја година ги донираат своите тела за научни истражувања по смртта. Универзитет во Калифорнија ја злоупотребил довербата и отстапил десетици донирани тела за обука на хирурзи од странска земја, обвинета за масовни убиства на цивили. Ништо од ова не им било откриено на семејствата на донаторите. И притоа извлекле профит.

Кога пред две години починала 101-годишната Жанет Волпин, нејзиното тело, согласно нејзината волја додека била жива, било донирано на Програмата за анатомски подароци на Универзитетот Јужна Калифорнија (USC).

Наместо за научни истражувања, телото било користено за едукација и обука на израелски воени лекари. Нејзината ќерка Мирјам била бесна откако открила дека била грубо прекршена волјата на нејзината мајка, а семејството било измамено.

Тоа навистина уништи секаква доверба, вели Миријам за истражувачка сторија на Ал џезира.

Согласно програма организирана од Универзитетот, израелски воен медицински персонал неколку пати годишно доаѓал во Лос Анџелес на часови во Центарот за обука за траума на американската Воена морнарица. Обуката наводно вклучувала неодамна починати, хемиски неконзервирани тела. Некои потекнувале од програмата за донирани тела на Универзитетот Сан Диего.

Во период од седум години, USC добил 860.000 долари од Морнарицата за отстапување на 89 „свежи ткива од тела“. Од нив 32 биле искористени специфично за обука на израелски лекари и хирурзи, но не за часови по основна анатомија, туку за симулации на трауми на бојно поле.

Во секој израелски тим учествувале по четворица хирурзи, еден анестезиолог и еден оператор. Тие вежбале на „перфундирани органи“, што значи дека телата биле пумпани со вештачка крв за да имитираат живи пациенти. Сесиите вклучувале лекување на рани од огнено оружје и експлозија.

Универзитетот исто така набавувал непобарани или неидентификувани тела на починати лица. Тоа е легално во Калифорнија, но биоетичарите со години предупредуваат дека е неетички да се користат тела на луѓе кои не дале согласност - особено не за воена обука.

Универзитетот инсистира дека телата биле користени за „образовни“, а не за „воени“ цели, но во договорот на Морнарицата пишува дека целта е да се зајакне соработката со израелските сили.

Групи за граѓански права ја осудија програмата, особено затоа што е поврзана со странска војска обвинета за масовни убиства. Во истиот период додека израелските воени хирурзи во Лос Анџелес се обучувале на донирани американски тела, палестински лекари и хуманитарци во Газа документирале осакатени тела вратени од израелски притвор: тела без имиња, со врзани зглобови и глуждови, со превези на очите, рани од куршуми, знаци на тортура и, во некои случаи хируршки засеци и исчезнати органи.

Нема докази дека израелски воен персонал користел вештини од обуката во Калифорнија за отстранување органи од Палестинци. Но, во 2009 година Израел призна дека патолози во форензичкиот институт Абу Кабир земале органи, кожа, рожници и коски од мртви тела, без согласност од семејствата. 

13 мај 2026 - 09:07