Израелската армија знаела за планот на Хамас да киднапира 250 луѓе

ИДФ имала прецизни информации за намерите на Хамас, но заради преовладувачките уверувања на безбедносниот естаблишмент и можна немарност на раководството, тие не реагирале на очигледните предзнаци, се тврди во извештај што го објавува Ерусалим пост.

Документот е изработен од Одделот надлежен за Газа и во него се наведени намерите на Хамас, а веќе на 19 септември 2023 тој им бил дистрибуиран на израелските разузнавачки функционери. Во него детално се опишани серија на подготовки што ги вршат елитните единици на Хамас.

Вежбите опфаќале упаѓање во бази на израелската армија и цивилни локации, киднапирање војници и цивили, и чување на заложниците по нивното пренесување во Газа.

Ерусалим пост пишува дека според документот, очекувањата биле да се заробат меѓу 200 и 250 лица.

Наводно израелското раководство се потпирало на тоа дека новоизградената безбедносна бариера кон Газа прави таквиот напад да биде невозможен. Хамас на 7 октомври успеа целосно да ја онеспособи израелската бариера и да упадне во воените бази и  цивилни населби. Во нападот Хамас зароби 240 заложници.

20 јуни 2024 - 12:04