Реакција на филмот „NAZA“:

Израел знае да биде и маќеа

Израелското државјанство, како еден од столбовите на ционистичкиот проект, никогаш досега не им било одземено на Евреи. Нетанјаху сега бара да им биде одземено на авторите на шокантниот документарец „NAZA“ во кој се прикажани израелски злосторства во Газа. Режисерите стануваат „непријатели на еврејскиот народ“ и се третираат како „егзистенцијална закана“ за државата.

Израелскиот документарен филм „NAZA“ ја имаше својата северноамериканска премиера на Филмскиот фестивал во Њујорк, непосредно по остриот говор на премиерот Бенјамин Нетанјаху во ОН, проследен со масовни протести, апсења и напуштање на салата од страна на дипломатите.

„NAZA“, во режија на Јувал Абрахам и Рејчел Зор, предизвика жестоки критики во речиси сите медиумски и политички кругови во Израел. Преку анонимни интервјуа со активни израелски војници и разузнавачи за време на војната против Газа, документарецот прикажува опсежни и детални сведоштва за масовното таргетирање и убивање палестински цивили. Насловот доаѓа од системот на израелската војска за проценка на колатералната штета. Еден од сведоците во филмот раскажува дека Израел може да ја мапира секоја зграда во Појасот Газа и да предвиди кои цивили би можеле да загинат во воздушен напад, без да прави разлика помеѓу возрасни и деца. Војската еднаш одобрила напад иако системот пресметал дека ќе убие 500 Палестинци.

Највисокото државно и воено ниво настојува да ги дискредитира филмот и неговите автори преку две спротивставени тврдења. Едни тврдат дека филмот објавил крајно чувствителни и доверливи информации за операциите на Израелските одбранбени сили, со што се прекршува законот. Други го отфрлаат како „целосна измислица“ и „крвна клевета“ и ги обвинуваат режисерите дека „му помагаат на Хамас во време на војна“.

Опозицискиот лидер Гади Ајзенкот, зазеде полиберален став изјавувајќи дека „критиката е легитимна“, но и тој го критикуваше документарецот поради прикажување „искривена и еднострана слика во време кога Државата Израел се соочува со закани“.

Во потег без преседан, а јасно насочен кон Абрахам и Зор, премиерот Нетанјаху најави дека владата ќе му го одземе државјанството на секој што ги клевети силите за безбедност. Притоа вели дека казната за клевета ќе ја зголеми 20-кратно на 1 милион шекели (речиси 330.000 долари).

Тие не припаѓаат меѓу нас, оцени Нетанјаху за авторите на „NAZA“.

Феноменот на одземање на израелското државјанство не е нов. Претходно оваа година, им беше одземено на двајца Палестинци од Источен Ерусалим осудени за кривични дела поврзани со безбедноста, што отвори пат да бидат депортирани. Сепак, одземањето на државјанството на израелски Евреи врз каква било слична основа е без историски преседан. И Абрахам и Зор се Евреи родени во Израел, немаат палестинско потекло, ниту пак поседуваат државјанство на која било друга земја.

Во минатото имаше петиција за одземање на израелското државјанство на Јигал Амир – екстремниот десничар од ортодоксно еврејско семејство кој во 1995 година го уби премиерот Јицак Рабин. Врховниот суд на Израел ја отфрли петицијата со образложение дека „достоинството на правото на секој Евреин да стекне и поседува израелско државјанство е поважно од достоинството на убиецот“.

Нетанјаху сега се залага за укинување на „достоинството на правото“, и тоа не поради атентат, туку поради „клевета“ кон израелската војска, пишува Интерсепт.

Еден од темелите на ционистичкиот проект беше Законот за враќање од 1950 година – идејата дека на секој Евреин, дури и на оние што преминале во таа религија и немаат никакви предци поврзани со земјата Палестина, треба да им се дозволи да се „вратат“ во својата татковина, да се населат, да живеат и да бидат третирани како рамноправни со секој друг Евреин, без оглед на местото на раѓање. 

Со Законот за државјанство во 1952 година им беше доделено државјанство и на Палестинци во Израел, но нивното движење беше строго контролирано, а политичките активности им беа ограничени за да се спречат критики кон еврејската држава.

Полско-израелскиот антиционистички интелектуалец Израел Шахак во 1975 година забележал дека сите казни што вообичаено се изрекувале против Арапите – вклучително и губењето на државјанството – теоретски биле применливи и за Евреите што изразувале несогласување со државната политика. Само „расизмот“ кон Арапите спречил да се воспостави таков преседан.

Како што САД станаа главен покровител на Израел, повторно се појавија дискусиите за одземање израелско државјанство на Евреи, фокусирани на „недоволна поврзаност со Израел“. По Втората интифада и пропаста на мировниот процес, дискурсот за државјанството прими недвосмислено американизиран карактер: „сакај ја или напушти ја“. Се спомнуваше идејата за давање „заклетва на лојалност“ и за Арапите и за Евреите.

Малку е веројатно дека Нетанјаху ќе ја спроведе заканата за одземање на државјанството на филмаџиите од „NAZA“. Но, не е спорно дека тоа ќе се користи како политичко оружје. Идната влада би можела да му го одземе државјанството на секого поради какво било јавни критики на државата, заклучува Интерсепт.

28 септември 2026 - 10:25