
Катар
Во вторникот цел на воздушен напад беше комплексот на раководството на Хамас во Доха, главниот град на Катар. Нападот беше извршен додека главните преговарачи на Хамас дискутирале за новиот американски предлог за прекин на огнот во Газа. Загинаа шест лица, син на високиот лидер на Хамас, Калил ал-Хаја, директорот на неговата канцеларија, тројца телохранители и еден катарски чувар. Ова беше прв израелски напад врз емиратот, кој заедно со Египет е главен посредник за крај на војната во Газа. Целта – зграда во ексклузивната лагуна Вест Беј, е оддалечена речиси 2.000 километри од Израел и само 35 километри од главната американска воена команда за Персискиот регион (ЦЕНТКОМ).
Либан
И покрај примирјето со Либан, израелски воени авиони во понеделникот бомбардираа цели во источните области Бекаа и Хермел, при што загинаа најмалку пет лица. Во вторникот беспилотно летало извршило напад врз селото Барџа јужно од Бејрут. Израелските одбранбени сили (ИДФ) тврдат дека нападнале складишта со оружје и воени објекти на Хезболах. И покрај примирјето склучено во ноември, Израел продолжи со речиси секојдневните напади на либанска територија, особено на југ, и окупира пет гранични пунктови.
Сирија
Авиони на ИДФ во понеделникот ги нападнаа воздухопловната база во Хомс и касарна кај Латакија, во Сирија. Немаше извештаи за жртви. Од падот на поранешниот претседател Башар ал-Асад во декември 2024 година, Израел изврши стотици напади врз воени локации и инфраструктура низ цела Сирија и го прошири своето присуство во окупираната Голанска Висорамнина со заземање на демилитаризираната тампон-зона, што е прекршување на договорот за демаркација со Дамаск од 1974 година.
Тунис
Во понеделникот беспилотно летало го нападна „Family boat“, главниот брод на Глобалната флотила Сумуд (GSF), кој е вкотвен во пристаништето Сиди Бу Саид во Тунис и треба да испорача хуманитарна помош за палестинските цивили во Газа. На бродот со португалско знаме е управниот одбор на флотилата. Избувнал пожар што бил брзо изгаснат. Во вторникот дрон го нападнал „Алма“, друг брод од флотилата од повеќе од 50 бротчиња со делегати од најмалку 44 земји. Од 2010 година, неколку флотили се обидоа да ја пробијат блокадата на Газа, но повеќето беа пресретнати или нападнати од Израел во меѓународни води.
Јемен
Во средата Израел изврши воздушен напад врз Сана, главниот град на Јемен, кој е под контрола на бунтовничките хути. Погоден бил аеродромот во Сана, втор пат во изминатиот месец. Израел во мај ги уништи зградата на терминалот на аеродромот и ја оштети пистата. При крајот на август во прецизен воздушен напад беа убиени Ахмед ал-Рахави, премиерот на хутите и уште неколку високи функционери.
Палестина
Не запреа ни нападите врз Газа. Во понеделникот, според локални извори, биле убиени 67 луѓе, во вторникот 83, а во средата 72. Од почетокот на војната во октомври 2023 година, израелските сили убиле 64.728 луѓе во Газа, вклучувајќи и 404 Палестинци кои умреле од глад. Се верува дека телата на уште илјадници луѓе се закопани под урнатините. Целта на новиот бран напади се високи згради, инфраструктурата и центрите за дистрибуција на помош, во обид да се принудат близу милион палестински цивили да го напуштат градот.