Израел се брани и со данок

Овие денови во Америка не треба многу за да бидеш обвинет за подржување тероризам, особено после налудничавиот закон по кој критиката на израелската држава се изедначува со антисемитизам. Медиуми, организации и поединци наголемо за кодошат за наводна поддршка за Хамас, без никакви докази. Тоа тешко може обвинител да го протне на суд. Ама, може нешто друго.

Спомнатиот закон, меѓу другото, го овластува Секретарот за финансии да го укине статусот на непрофитни, невладини и слични организации ако оцени дека тие поддржуваат тероризам. А со укинување на таквиот статус, се губат сите можни даночни олеснувања за нив, што практично значи дека добар дел од тие организации ќе треба да затворат дуќан.

Греши оној кој мисли дека активна поддршка на тероризмот е ограничена на намерни, директни придонеси за терористичките групи. Постојните решенија се критикувани поради нивната преголема широчина и потенцијал за злоупотреба, не само против слободата на говорот, туку и против давателите на хуманитарна помош. Во неодамнешно писмо од 135 организации за човекови права кои се противат на нацрт-законот остро се критикува правото да се отповика статусот на даночна повластеност или на друг начин да се одмаздува за пропалестински ставови.

Видни политичари пред некое време бараа да се спроведе анти-терористичка истрага против Њујорк Тајмс, Ројтерс, Асошиетед прес... Причина? Откупиле фотографии од масакрот на Хамас од седми октомври од палестински фриленс фотограф. Објаснување? Фотографот мора да бил терорист на Хамас, инаку, како би знаел каде да биде тој ден?

Ова е само најновата епизода од илибералната легислатива за „национална безбедност“. Минатиот месец, претседателот Џо Бајден ги игнорираше застапниците за граѓански слободи и потпиша закон со кој ќе им овозможи на разузнавачките агенции да ангажираат кој било „давател на услуги“ да им помага на САД и да шпионира во нивно име. Тоа е посебно морничав Закон за кој предупреди Сноуден а ние пренесовме во „Сноуден: Државната шпионажа го презема интернетот

Види и:

Израел функционира како американски носач на авиони

 

5 јуни 2024 - 15:10