Израел почна да пумпа вода во тунелите на Газа

Израелската армија почнала со планот за поплавување на подземната мрежа на Хамас со вода од Медитеранот, пренесува Вол стрит журнал информација што ја има добиено од американски функционери.

Израел ги смета тунелите на Хамас под Газа за клучни за функционирање на терористичката организација, заради што и нивното уништување е една од главните цели на операцијата во Газа.

Се проценува дека должината на тунелите е некаде околу 500 километри, и дека целата операција за поплавување ќе трае неколку недели.

Вол стрит журнал пренесува воени аналитичари кои објаснуваат дека Израел до сега нема уништено најголем дел од мрежата тунели и дека ќе бидат потребни различни техники за да се уништи или оштети подземниот систем.

За сега ИДФ се воздржува од испраќање војници во тунелите, од страв од заседи и затоа што таму Израелците ја губат предноста во оружје и опрема што ги имаат.

Израел веќе има контрола на над 40% од Газа, но над земја. Како што објаснуваат од израелското воено разузнавање „територијалното прашање не е прашање, проблем е што Хамас оди под земја. Тунелите остануваат предизвик.“

Се претпоставува дека во тунелите се чуваат сите или дел од преостанатите стотина израелски заложници што беа киднапирани од Хамас. Деновиве во јавноста протече снимка во која роднини на заложниците гневно бараат од Нетанјаху да се откаже од планот за поплавување на тунелите. Самиот Бајден пред некој ден на прашање од новинарите одговори дека поплавувањето на тунелите би можело да биде на штета на 100-те заложници кои Хамас уште ги чува.

14 декември 2023 - 14:00