Израел нека тера како што мисли, ама да припази да не загадува премногу со војната

По сите слики со ужаси што излегоа од Газа, некој реши дека треба да ја пресмета долгорочната штета од загадувањето од воената операција на Израел, и како што може да се очекува, таа е речиси катастрофална.

Штетните гасови испуштени во првите два месеца од војната во Газа се поголеми од годишното загадување на повеќе од 20 климатски најранливи нации.

Се проценува дека во првите 60 дена од почетокот на операцијата, Израел има создадено 280.000 тони јаглерод-диоксид, што е исто како да изгореле 150.000 тони јаглен.

Анализата опфаќа загадување предизвикано од потрошувачката на гориво од авиони, тенкови и други возила, како и загадувањето што се создава при производство и експлодирање на бомби, артилерија и ракети. Во него не е опфатено на пример загадувањето на метан.

Речиси половина од целото загадување во војната се припишува на потрошувачката на американските воени авиони кои истоваруваа воена опрема во Израел.

Во исто време, ракетите на Хамас испалени кон Израел биле далеку поеколошки и создале само околу 713 тони ЦО2, што е еднакво на 300 тони јаглен.

Претходните истражувања на темава пресметале дека загадувањето може да е 5 до 8 пати поголемо, доколку во него е опфатено и загадувањето од целиот ланец на воената индустрија.

Истото ова истражување проценува дека изградбата и санирањето на над 100.000 објекти во Газа, користејќи модерни градежни техники ќе создаде најмалку 30 милиони тони штетни гасови, што е еднакво на загадувањето од 135 држави и територии.

10 јануари 2024 - 14:00