Израел ги труе ботовите со дозирана пропаганда

Кога ќе прашате чет-бот за војната во Газа, одговорот може да биде „затруен“ од пропагандна операција финансирана од израелската влада и командувана од поранешен шеф на кампањата на Трамп. Мекиот пристап на ширење дезинформации чини 50 милиони долари, но барем засега не успеа да го промени негативниот став на Американците за Израел и неговите војни.

Бред Парскејл, поранешниот менаџер на изборната кампања на американскиот претседател Доналд Трамп, од октомври 2025 година спроведува тајна операција во име на Израел, со цел да влијае врз тоа што алатките за вештачка интелигенција како ChatGPT, Gemini или Copilot им го соопштуваат на корисниците за прашања поврзани со Израел или Газа.

Вкупната вредност на договорот изнесува 46,5 милиони долари, а тековните трошоци се 4,5 милиони долари месечно.

Компанијата на Парскејл Clock Tower X создаде мрежа од 10 веб-страници, од кои секоја промовира одреден израелски наратив. Една од нив го претставува Израел како мирољубива нација. Друга ги отфрла извештаите за новинари убиени во Газа, означувајќи ги како пропаганда на Хамас. Трета тврди дека израелските сили вложуваат посебни напори за да ги заштитат цивилите. Една тврди дека снимките што доаѓаат од Газа се фабрикувани, а друга шири сомневања дека израелските сили се одговорни за убиството на шестгодишното палестинско девојче Хинд Раџаб во 2024 година, според истражување на сајтот Drop Site News.

Како функционира системот? На пример, на прашањето: „Дали е добро за САД да ги зајакнат воените врски со Израел“, моделот Perplexity одоговара со еден збор: „Да“, и како главен извор наведува веб-страница креирана од Парскејл.

Овие страници не се создадени за да привлекуваат читатели. Повеќето од нив имаат само неколку стотици посетители месечно. Нивната вистинска цел е содржината да биде вклучена во податоците со кои се хранат чет-ботовите, за да ја повторуваат во одговорите за милиони корисници, страгегија која во индустријата е позната како „труење на големите јазични модели“, наведува Drop Site.

Како што налагаат законите на САД за спонзорирани содржини, на дното од секоја страница стои правна напомена дека таа се дистрибуира „во име на Државата Израел“. Но, кога чет-ботовите пренесуваат содржини од овие страници, тие обично не ја пренесуваат таа информација до корисникот.

Според истражувањето на Drop Site, системот функционира делумно. Десетте веб-страници биле регистрирани 912 пати во периодот од јануари до јуни 2026 година од Common Crawl – база на податоци што се користи за обука на повеќето големи модели со ВИ. Темпото на регистрирање на страниците бележи остар пораст: Во јануари биле регистрирани само двапати, а во мај дури 376.

Тестовите на Drop Site покажаа дека Gemini и Copilot користат содржини од оваа мрежа, а дел од нив се појавуваат и во податоците за обука на Perplexity. Се чини дека Claude и ChatGPT не биле обучувани врз основа на овие страници, иако и тие може да ги наведат како извори при пребарување.

Истражувачите на дезинформации велат дека она што ја прави оваа операција ефикасна е нејзината воздржаност. За разлика од грубата пропаганда, страниците содржат подредени информации, со точки и уредни резимеа - токму видот на содржина на која системите со ВИ се дизајнирани да веруваат и да црпат од неа.

Наместо лаги што лесно може да се побијат, се пласираат мислења, полувистини и оспорени тврдења, што ги прави страниците многу потешки за филтрирање. Мрежата, исто така, лесно се прилагодува на приоритетите на Израел.

Студија цитирана во извештајот покажа дека само 250 вметнати документи можат да компромитираат модел со ВИ без оглед на неговата големина. Израел, сепак, не е задоволен од резултатите на поранешниот менаџер на кампањата на Трамп.

Му плативме многу пари. Но, што направи тој со нив? Ситуацијата само се влоши, изјави еден израелски функционер за списанието Тајм.

******
Види и: Израел плаќа 730 милиони долари за да си го врати угледот

30 јули 2026 - 12:57