Израелскиот буџет за „хасбара“, како што традиционално се нарекува „јавната дипломатија“, лани бил 150 милиони долари. Тоа било 20 пати повеќе во споредба со 2023 година, кога почна војната во Газа. Пратениците сега одобрија 730 милиони долари, кои ќе бидат потрошени на лобирање кај влади, медиуми, социјални платформи и разни други канали.
Најголемиот дел од парите се очекува да бидат потрошени во САД – стратегискиот сојузник на Израел. Анкета на истражувачкиот центар Пју во април покажа дека 60% од Американците сега гледаат негативно на Израел, а само 37% имаат позитивен став. Дури и меѓу американските Евреи, поддршката за Израел падна под две третини.
Тоа се одразува и врз политиката на Вашингтон, која се приближува до критичната граница на откажување на воената поддршка. Во Сенатот 40 пратеници ја поддржаа иницијатива за блокирање на продажбата на булдожери на Израел во вредност од 295 милиони долари, а 36 гласаа за блокирање на продажбата на бомби. Иницијативите беа одбиени, но тие се досега најсилните обиди за запирање на американската воена помош.
Министерство формира лани доби одобрение да формира посебно одделение за јавна дипломатија. Министерот Гидеон Саар вели дека Израел води „глобална војна за срцата и умовите“ и ги прилагодува трошоците.
Имавме голем пробив оваа година, но како земја мора да инвестираме многу, многу повеќе. Тоа е како инвестирање во авиони, бомби и пресретнувачи на ракети. Соочени со она што е насочено против нас и она што е инвестирано против нас, тоа е далеку од доволно. Ова е егзистенцијално прашање, изјави Саар во декември.
Јавно достапни податоци за 2025 година покажуваат како се насочуваат средствата. На реклами на социјалните мрежи Google, YouTube, X и Outbrain биле потрошени 50 милиони долари. Уште 40 милиони долари биле наменети за „пречек“ на 400 странски делегации - пратеници, верски лидери, инфлуенсери и ректори. Била формирана „медиумска воена соба“ за следење на 250 медиуми и 10.000 дневни содржини поврзани со Израел.
Министерството за надворешни работи, исто така, потпишало договор од 1,5 милиони долари месечно со фирмата на Бред Парскејл, поранешен стратег во кампањата на Трамп, за распоредување алатки за вештачка интелигенција против антисемитизмот на интернет, за кампања од 4,1 милион долари насочена кон евангелистичките цркви и 900.000 долари за Проектот Естер - мрежа на инфлуенсери на пи-ар фирмата Bridges Partners.

Тоа се направило со буџет од 150 милиони долари. За оваа година се издвоени уште 580 милиони.
Скептици укажуваат дека никакви лобирања, која и да е сумата, не може да го променат негативниот став против војните на Израел, кој веќе се вкоренува во јавноста.
Ни сите пари на светот нема да помогнат ако политиката е погрешна. САД го открија тоа во Виетнам кога нивниот буџет за јавна дипломатија од Студената војна го достигна својот врв, вели Николас Кал, професор по комуникации на Универзитетот во Јужна Калифорнија.
Шибли Телами, политички научник на Универзитетот во Мериленд, вели дека во САД е создадена нова „генерација од Газа“.
Според моите анкети, мнозинство млади Американци сега го сметаат Израел за извршител на геноцид и сметаат дека САД се вмешани, вели Телами.
Тој бил член на Консултативната комисија на САД за јавна дипломатија во 2005 година, кога Вашингтон се обиде да ја намали штетата врз угледот од војната во Ирак со кампањи насочени кон муслиманската публика.
Нашиот заклучок беше дека политиката е глупава. Да, можете да направите многу со јавна дипломатија и постојат стратегии што би можеле да помогнат на маргините. Но, тие ќе влијаат само на мал процент, бидејќи најголемиот дел од впечатоците се обликувани од самите политики, а не од тоа колку добро ги продавате тие политики, објаснува Телами.