Исходот од ова Вол стрит журнал го нарекува „јасен показател“ за ограничувањата на израелската стратегија за префрлање на сајбер капацитети, собирање разузнавачки податоци и модерно оружје за спротивставување на терористичките напади.
„Вооружените сили беа фатени неспремни од релативно ниско-технолошки копнен напад,“ пишува Вол стрит журнал.
Следните чекори на Израел, планот за инвазија на Газа, ќе мора да се потпрат на пешадија и артилерија, области кои според ВСЖ со години се „де-приоретизирани“. Како што ќе објасни Ави Јагер од израелскиот Меѓународен институт за анти-тероризам, израелската војска „се подготвуваше за погрешната војна.“
Военото внимание на Израел до пред нападот беше фокусирано на Западниот брег, каде израелските сили се обидуваа да го смират палестинскиот бунт, и на северот, каде постои потенцијална закана од Хезболах.
„До саботата, израелските функционери главно веруваат дека политиката на засилување на економијата на Газа значи дека лидерите на Хамас нема да имаат интерес за започнување на напад каков што се случи.
Во исто време, како што покажа викендов, Хамас е станат далеку пософистициран. Саботниот напад беше комбинација од ракети, чамци, дронови, а вооружени борци стигнаа до градот Офаким, кој е некои си 30 километри во израелска територија,“ објаснуваат од ВСЖ.
Околу забелешките од израелската армија порачуваат дека армијата сега се фокусира на решавање на сегашниот конфликт, и дека за упадот повеќе ќе зборуваат по завршувањето на борбите.
Израел веќе имаше едно непријатно искуство во војната со Хезболах во 2006, која ги покажа „ограничувањата на супериорните бомби и артилерија“ во борби против герилски борци, слично на она што САД го искуси во Авганистан и Ирак.
„Израелското раководство почна да верува дека главна закана за неговата безбедност повеќе не е копнена инвазија како оние од војните со арапските нации како Египет и Јордан, туку неконвенционални закани од ракети и бунтовнички упади од непријателски групи како Хезболах или Хамас.
Па затоа, војската инвестираше во разузнавање, сајбер и одбранбени капацитети за справување со заканата од Хезболах и Хамас и намалување на ризикот од растечкиот ракетен арсенал на Иран. Во 2011 ја ставија во употреба Железната купола, која лови ракети со краток домет, и инвестираа во развивање на други системи за спречување напади со ракети со голем домет,“ се објаснува во текстот на Вол стрит журнал.
И по судирот во 2014, кога Хамас ја изненади израелската војска со започнување на напад на Израел преку мрежата подземни тунели ископани под ѕидот, Израел решението го бараше во технологија. Тогаш тие започнуваат работа на системот „Пречка“ кој помага откривање на тунели, а подоцна ја воведоа и оградата. Тогашниот министер за одбрана изјави дека оградата претставува „железен ѕид“ кој го заштитува Израел од милитантите на Хамас, исто како што Железната купола заштитува од нивните ракети.
Во 2015, израелската војска одлучи да почне со кратење на резервистите, па бројот на офицери во резерва беше намален за 10%, а траењето на воениот рок за мажи беше скратен од 36 на 32 месеца. По ова секое следно раководство реши многу повеќе да инвестира во технологија отколку во луѓе.
„Зборуваме за долгорочен процес во кој пешадиските сили на ИДФ се ослабуваат,“ објаснува Коби Мајкл од Институтот за студирање на национална безбедност во Тел Авив.
Паралелно со модернизирањето на израелската војска, Хамас и Хезболах по децении борби против Израел, полека почнуваат да оперираат како конвенционална војска наместо како збир од бунтовници. Хамас во Газа изгради подземни бази кои треба да служат како команден центар за идните конфликти.
Израелците беа охрабрени и од успехот на Железната купола во 2021 кога пресретна илјадници ракети.
Ситуацијата пред саботата ја искомплицираа и немирите на Западниот брег, потпалени од Хамас, на кои беше фокусирана целосната влада на Нетанјаху. Израелската војска последниве 18 месеци го зголеми бројот на баталјони во Западниот брег од 13 на 25, што е и една од причини за лошата првична реакција на конфликтот на границата со Газа.
Сегашната процена е дека насилството на Западниот брег е калкулиран потег за да се сврти вниманието од Газа и планирањето на операцијата што таму се подготвува.