Не само што го пијат најдоброто, Италијанците го пијат и најевтиното еспресо во Европа, чија стандардна цена беше 1,2 евра, или 1,5 евра за капучино. Од Асоутенти проценуваат дека домашните кафеџии плус туристите годишно пијат по околу 6 милијарди филџани кафе, од кои се генерираат приходи од некои си 7 милијарди евра.
Меѓутоа изминативе неколку години кафеџиите прво се погодени од драстично поголеми цени на струјата и проблеми со глобалното снабдување со кафе, две ставки кои им го креваат основниот трошок за нивниот производ, заради што почнуваат да го поскапуваат кафето.
Од организацијата на потрошувачите ги предупредуваат кафеџиите дека сами ќе го ескалираат проблемот, бидејќи заради поскапувањето милиони корисници ќе почнат дома да прават кафе на машините што ги купија за време на пандемијата.
Наспроти нив, кафеџиите и организациите што ги претставуваат истите, предупредуваат дека поскапувањата се неизбежни, посебно кај традиционалните кафулиња каде од еспресо и останати кафиња доаѓа околу 30% од продажбата.
Цената на поквалитетната арабика на берзата во Њујорк достигнала 2,49 долари за 450 грама, додека цената на робуста во зрно на берзата во Лондон ја надминала границата од 5.000 долари по тон. Овие цени се за два пати поголеми од пред една година.
Самиот ланец на снабдување со кафе е под притисок и од постојаните напади од Хутите на бродовите кои минуваат низ Црвеното море, заради што бродовите кои ја снабдуваат Европа со суровини од Азија се присилени да кружат по подолгата рута која минува покрај Јужна Африка.
Големите компании за печење кафе, како Лаваца и Или веќе неколку месеци отворено порачуваат дека ќе има дополнително поскапување на кафето.
До пред една деценија Рим ја регулираше цената на еспресото за тоа да биде достапно за секого, заради што јавноста и понатаму очекува тоа да биде евтино како и до сега. Како што објаснува заменик претседателот на Федерацијата на италијански јавни локали, која претставува и 132.000 кафе барови, „производ како еспресо е неопходност, како леб.“
Во јавното препирање околу цената, една од понудите што дојде од сопственик на бар во Лигуриа е еспресо за 70 центи, но муштериите од дома да носат филџан, лажиче и шеќер.