Со 38 гласа за и 15 против (значи можело и со помал парламент, а?), парламентот на Исланд го изгласа законот по кој на мигрантите, 30 дена откако нивната апликација ќе им биде одбиена, им завршуваат правата да имаат кров над глава и пристап кон здравствени и социјални услуги.
Од партиите, позитивно гласаа оние од владината коалиција а против беше Пиратската партија. На законот се спротивставија Амнести, Уницеф, Црвениот крст и други слични организации.
„Ова ја потврдува позицијата на властите, дека не сме пријателски расположени кон дојденците. Пораката е јасна: напуштете ја земјата или ќе завршите на улица, гладни и болни,“ рече претставник на Пиратите.
Претходно државата имаше правни проблеми со депортациите кои сега овој закон ги озаконува. Беше тужена кога ирачки бегалец беше кренат од инвалидска количка, кога се депортираше Албанка во 9-ти месец од бременост, со лекарска потврда дека не ѝ се препорачува долг лет...
Првпат законот беше претставен во 2019-та година но не помина а ова е четврта верзија на текстот. Во финалната верзија бил прифатен само амандман кој се однесува на деца без придружба.