Уште кога почнаа протестите иранските власти вклучија апарати што ефикасно ги блокираат врските со мрежата сателити на Илон Маск, но не го спречија целосно. Преку информации од овие канали групите за човекови права објавија дека во немирите се убиени повеќе од 600 луѓе. Организацијата Хенгау во неделата објави снимки на кои се гледаат голем број тела во мртовечница во јужен Техеран.
Кога иранските корисници ќе добијат стабилна врска, тие пренесуваат што е можно повеќе видеа, објаснува Мехди Јахјанеџад, коосновач на американската група што им помага на луѓе во авторитарните земји да добијат пристап до интернет.
Терминалите на Старлинк се забранети со закон во Иран. Сепак, во земјата ги има веројатно десетици илјади, шверцувани со мали чамци од Дубаи или преку границата со Ирак. Нивниот број се зголеми при крајот од претходниот бран протести во 2022 година. Организацијата NetFreedom на Јахјанеџад испратила илјадници комплети Старлинк до непрофитни организации во земјата.
Почна електронска војна. Во текот на викендот, властите почнаа да пребаруваат домови во западен Техеран и да конфискуваат сателитски приемници на Старлинк, изјави за Волстрит џурнал Амир Рашиди од американската непрофитна организација Miaan Group, која се спротивставува на цензурата на интернет.

Интернетот не е блокиран за сите во Исламската Република. Поврзани се владата, нејзините медиумски служби и лојалистите на режимот регистрирани на „бела листа“ на интернет адреси, велат дипломати и лица што комуницираат со Иранци со непрекинат пристап.
Во неделата владата им порачала на луѓето од „белата листа“ да се информираат од вестите од агенцијата Мехр, која е поврзана со безбедносните служби. Во друга порака до корисниците на мобилна телефонија, владата ги повикала Иранците да се приклучат на провладините контрапротести во понеделникот на Универзитетот во Техеран. На другите им преостанува да се информираат и да комуницираат преку апаратите од Старлинк.
Техеран ги притисна САД преку Меѓународната унија за телекомуникации - агенција на Обединетите нации, да ја забранат услугата Старлинк на иранска територија. Вашингтон и компанијата на Илон Маск одбија да спроведат блокада.
Претседателот Трамп, кој денеска треба темелно да биде информиран за сите опции како да им се помогне на демонстрантите во Иран, веќе најави дека ќе се дискутира и за испраќање повеќе терминали на Старлинк.